Ekipa
01 Јануари 2018•Ажурирај: 02 Јануари 2018
СКОПЈЕ/ТИРАНА/ПРИШТИНА (АА) - Со музика и огномет на полноќ, новата 2018 година дочекана е на плоштадите ширум регионот, јавува Anadolu Agency (AA).
Во главниот град на Република Македонија, Скопје, бројни граѓани ја дочекаа новата година на Плоштадот Јадран каде ги забавуваа музичарите Некст Тајм, Ај Кју, Тамара и Кристина Арнаудова.
Инаку, новогодишната прослава која ја организира скопската општина Центар, трае веќе два дена, а во рамките на овогодинешното одбележување беше организирана новогодишна програма за децата, младите и повозрасните, а прославата има хуманитарен карактер.
Во Тирана, главниот град на Албанија, граѓаните ја дочекаа новата година на плоштадот „Скендербег“, каде што се одржа централната новогодишна прослава на која учествуваа локални пејачи и музички бендови.
Во Приштина, Косово, традиционално се организираше дочек на Новата година на отворено, со концерт и огномет. Прославата се одржа на градскиот плоштад „Захир Пајазити“ каде што беа присутни бројни граѓани.
Во српскиот главен град Белград, за дочекот на новата 2018 година беа организирани две јавни прослави. Пред Домот на Народното собрание во центарот на градот белграѓаните и гостите ги забавуваа групите Балканика, Рибља чорба и пејачот Аца Лукас.
- Новогодишни прослави во Белград, Сараево и Подгорица -
Во центарот „Сава" одржана е програма насловена „Нова година отмено", а во програмата учествуваа околу 150 уметници, изведувајќи класици, џез и евергрин музика.
Со песни на регионалната поп ѕвезда Здравко Чолиќ, десетици илјади сараевчани и бројни туристи ја дочекаа Новата година на Плоштадот Босна и Херцеговина.
Илјадници граѓани на Загреб на градскиот плоштад ја дочекаа новата година со групата „Ватра", Дорис Драговиќ, „Газди", Тончи Хуљиќ и Мадре Бадеса.
Голем дел од оние кои се одлучија новата година да ја дочекаат на улиците на Загреб, се собраа на поширокото градско подрачје каде во претходните денови, како и во новогодишната ноќ беше организирана соодветна програма.
Во црногорскиот главен град Подгорица, илјадници граѓани и гости ја дочекаа новата година со песни на хрватскиот кантавтор и пејач Тони Цетински кој настапи на градскиот Плоштад на независноста.
Слична беше атмосферата и во останатите градови во земјите од регионот, во кои новогодишните прослави се одржаа на отворено, со музика и огномет.