Ivana Ramadanova
01 Јануари 2018•Ажурирај: 02 Јануари 2018
СКОПЈЕ (АА) - На Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедија, анестезија, реанимација, интензивно лекување и Ургентен центар во Скопје во текот на вчерашниот ден и ноќта лекарска помош побарале 63 пациенти, пренесува Anadolu Agency (AA).
Од нив, според информациите од ТОАРИЛУЦ, седум се хоспитализирани и тоа четворица на неврохирургија и по еден пациент на трауматологија, пластична хирургија и дигестивна хирургија.
На неврохирургија примени се четворица пациенти од кои еден е со здобиена повреда во сообраќајна несреќа околу 20 часот. Вториот пациент е со повреди здобиени при пад во домот и врз него е извршен оперативен третман. Третиот пациент е примен како цереброваскуларен инзулт, а последниот со потрес на мозокот.
Двајца пациенти повредени во тепачка кои побарале лекарска помош се пуштени на домашно лекување, а уште еден пациент повреден во сообраќајна несреќа е пуштен на домашно лекување.
Во текот на вчерашниот ден на ТОАРИЛУЦ не се примени пациенти повредени од петарди или слични пиротехнички средства.
Што се однесува пак до Клиниката за токсикологија во Скопје во новогодишната ноќ помош побарале 27 лица, кои испиле прекумерно количество алкохол.
Од таму информираат дека пречекот на 2018 година поминал релативно мирно, без пациенти со потешки последици по здравјето, истакнувајќи дека пациентите кои биле со алкохолно труење по два часа третман на Клиниката биле пуштени на домашно лекување и дека 65 отсто биле мажи, а 35 отсто биле жени.
Најмладиот пациент што е третиран е на 16-годишна возраст, а најстариот имал 48 години. За среќа, како што велат од токсикологија, годинава немало случаи на пијани малолетници, ниту пак лица со труења од психоактивни супстанци.