Furkan Abdula
02 Мај 2022•Ажурирај: 03 Мај 2022
СКОПЈЕ (АА) - Државниот врв во Северна Македонија упатија честитки по повод муслиманскиот празник Рамазан Бајрам, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, на социјалните мрежи упати честитки по овој повод.
„Светиот месец Рамазан е месец на пост, дарување, простување, месец на зајакнување на вербата, разбирањето и почитувањето на другите. Со заедничко празнување на овој, како и на останатите верски празници јасно упатуваме порака дека меѓуверската и меѓуетничката толеранција, взаемното разбирање и почитта, се столбовите на македонското општество“, напиша Пендаровски.
„Ви посакувам празничните денови да ги поминете во кругот на најблиските, во одлично здравје и во добро расположение. Честит Рамазан Бајрам на сите верници од исламска вероисповед“, додаде тој.
Од друга страна, претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, во својата порака изрази надеж дека сите посветени верници ќе го пречекаат Бајрам во една повисока димензија на облагородување и совесност на умот и телото.
„Таа иста енергија ќе ја споделуваат со блиските, со пријателите и познаниците, за празничниот дух и мирис да ги исполни сите домови и да зрачи топлина и светлина која ќе ги грее срцата, ќе донесе мир и спокој во душите и ќе упатува кон градење на меѓусебна почит, чувство на солидарност и хуманост. Среќен Рамазан Бајрам“, нагласи Џафери.
Претседателот на Владата на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во својата бајрамска честитка изрази желба муслиманите во земјата овие празнични денови на Рамазан Бајрам да ги поминат во радост и спокојство на домот, во добро здравје и духовна сила.
„Нека биде благословен и честит празникот Рамазан Бајрам! На сите припадници на исламската вероисповед во нашата земја, во мое, и во име на Владата на Северна Македонија, им упатувам најискрени честитки по повод големиот муслимански верски празник Рамазан Бајрам“, напиша Ковачевски на социјалните мрежи.