политика, Балкан

ЕК го објави годишниот пакет за проширување со извештаи за напредокот постигнат од земјите од регионот

Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, изјави дека проширувањето ќе остане главен приоритет на новиот состав на Комисијата

Abdula Berisha  | 30.10.2024 - Обновена : 31.10.2024
ЕК го објави годишниот пакет за проширување со извештаи за напредокот постигнат од земјите од регионот

СКОПЈЕ (АА) - Европската комисија (ЕК) го одобри годишниот пакет за проширување, давајќи детална оценка за напредокот што го постигнаа земјите од регионот и другите земји кандидати за членство во Европската Унија (ЕУ), јавува Анадолу.

Во написот објавен од Европската комисија (ЕК) се наведува дека процесот на проширување продолжува да се заснова на заслуги и зависи од објективниот напредок постигнат од секој од партнерите.

Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, изјави дека проширувањето ќе остане главен приоритет на новиот состав на Комисијата.

„Напнатиот геополитички контекст уште повеќе ја импонира потребата да го заокружиме обединувањето на нашиот континент, под истите вредности на демократијата и владеењето на правото. Веќе направивме големи чекори во последните неколку години кон интеграцијата на новите земји членки“, истакна Фон дер Лајен.

- Северна Македонија треба да продолжи со спроведувањето на реформите поврзани со ЕУ -

Во случајот со Северна Македонија, во соопштението се наведува дека официјално Скопје треба да продолжи да испорачува спроведување на реформите поврзани со ЕУ, особено во фундаменталниот кластер, каде припаѓаат судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал.

„Треба да се зајакне довербата во правосудниот систем. Скрининг сесиите за сите шест кластери беа завршени во декември 2023 година“, стои во соопштението.

- ЕК го поздрави отворањето на преговорите со Албанија, Косово бележи напредок во борбата против организираниот криминал -

Комисијата го поздрави отворањето на преговорите со Албанија за фундаменталниот кластер на втората меѓувладина конференција одржана на 15 октомври 2024 година.

„Од суштинско значење е властите дополнително да го интензивираат темпото на реформите ориентирани кон ЕУ, особено во однос на владеењето на правото, консолидирање на досието на спроведувањето на законот, во ефикасна борба против корупцијата и организираниот криминал и промовирање на основните права, вклучително и слободата на медиумите, имотните и малцинските права“, се наведува во соопштението.

Што се однесува до Косово, познато е дека официјална Приштина поднесе барање за членство во ЕУ во декември 2022 година.

„Комисијата останува на располагање да подготви Мислење за апликацијата на Косово за членство веднаш штом Советот го побара тоа. Постигнат е напредок во борбата против организираниот криминал и подобрување на деловното опкружување. Визната либерализација за Косово стапи на сила на 1 јануари 2024 година. Косово мора да ги интензивира напорите за зајакнување на владеењето на правото и јавната администрација и за заштита на слободата на изразување“, се наведува во соопштението.

- Постигнувањата на Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора -

Комисијата ја повтори својата оценка дека Србија ги исполнила стандардите за отворање на третиот кластер, Конкурентност и инклузивен раст, додека во наредната година се очекува Србија да го забрза спроведувањето на реформите за членство во ЕУ во сите сфери, со посебен фокус на владеењето на правото и слободата на медиумите.

Што се однесува до Босна и Херцеговина, се вели дека земјата покажала опипливи резултати во сфери како што се управувањето со миграцијата, усогласување со надворешната и безбедносната политика на ЕУ.

Кога станува збор за Црна Гора, во соопштението се наведува дека меѓувладината конференција, одржана во јуни 2024 година, потврдила дека земјата генерално ги исполнила привремените стандарди за владеење на правото, додавајќи дека е потребен понатамошен напредок во областите на владеењето на правото и судството.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.