Zlatan Kapiç
09 Јули 2019•Ажурирај: 11 Јули 2019
ЈАХОРИНА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, денеска, за време на Самитот на Процесот на соработка во Југоисточна Европа (SEECP) изјави дека Турција е засолниште за повеќе од 4 милиони бегалци, додека земјите на Европската Унија не можат да се договорат околу неколку десетици, јавува Anadolu Agency (AA).
Според податоците на ОН, потсетува Ердоган, потрошувачката на Турција за згрижување на бегалците надминала 37 милијарди американски долари.
„Нашата земја по прашањето достава на хуманитарна помош во однос на националниот приход, веќе две години е прва во светот. Турција, во рамките на борбата против нерегуларните миграции од 2005 до 2017 година, спречи преминување на над милион лица, а во голема мерка ги намаливме трагедиите во Егејското Море, што претставува непроценлив придонес за безбедноста на Балканот и цела Европа“, изјави Ердоган и потсети на неисполнетото ветување на ЕУ за помош на Турција во згрижувањето на бегалците.
Ердоган порача дека успехот на Процесот на соработка во Југоисточна Европа не е важен само за земјите учеснички, туку и за мирот, стабилноста и просперитетот на целиот европски континент.
„Овој процес истовремено даде и критичен придонес на самиот процес на интеграции на земјите на Западен Балкан во евроатлантските институции. Турција секогаш пружала и ќе продолжи да пружа поддршка на интеграцијата на земјите на Балканот со евроатлантските институции“, појасни Ердоган.
Одлуките на Европската Унија во врска со преговорите за членство на Северна Македонија и Албанија, директно ќе се одразат на иднината на целиот регион, смета Ердоган, и додаде: „Поради тоа, спроведувањето на овие процеси надвор од рамките на претходните ветувања, ќе им наштети како на мирот и стабилноста на регионот, така и на довербата во Европската Унија.“
„Во последно време гледам дека политиката на проширување на Европската Унија е блокирана од некои кратковиди популистички кругови - негативните правци на поделба и дискриминација кои се шират низ овој континент во последно време не претставуваат опасност само за внатрешниот мир на Европа туку и опаснот за иднината регионот да биде надеж за многумина. Верувам дека европските лидери ќе дејствуваат на визионерски начин и ќе го поддржат идеалот на интеграцијата на Балканот во Европската Унија“, изјави турскиот претседател.
Тој изрази задоволство дека земјите основачи на овој Процес постигнале согласност Турција во периодот 2020-2021 година да преземе мандат над претседавањето со овој Процес. Како мандатот за претседавање со Организацијата за исламска соработка (OIC) и Процесот Г-20, како што рече Ердоган, Турција на најдобар начин ќе го реализира и претседавањето со Процесот на соработка на Југоисточна Европа.
„За време на нашиот мандат ќе работиме на јакнење на регионалната заштита и регионалната сеопфатност; исто така ќе се фокусираме на прашањата како што се миграциите, зголемувањето на квалитетот на човечките ресурси, проширувањето на транспортни и комуникациски рути во регионот“, изјави Ердоган.
Турскиот претседател потсети на потребата на воспоставување на постојан секретаријат при СЕЕЦП, чие седиште, според досегашните кандидатури, би требало да биде Истанбул или Софија.
Автопатот Сараево - Белград, како што изјави Ердоган, е од стратешка важност за целиот регион и целта со овој проект на мир е да се поврзат овие два центри на Југоисточна Европа.
Ердоган потсети дека Турција потпишала меморандуми за соработка со Србија и БиХ во врска со изградбата на тој автопат, велејќи дека очекува што побрз почеток на изградбата.
Претседателот на Турција изјави дека ваквите и слични проекти ќе ја зајакнат конкурентноста на земјите на регионот на странските пазари.
Ердоган изјави дека е многу важно да станат регион кој ќе ги поттикнува технолошките иновации кои ќе ги задоволуваат економските услови на 21 век.
Ердоган му честиташе на Косово на преземењето на претседавањето со Процесот на СЕЕЦП.