Admir Fazlagic
13 Јуни 2018•Ажурирај: 13 Јуни 2018
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денеска остварија средба со претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, на која го доставија Договорот за решение на спорот околу името, кој Република Грција го имаше со Република Македонија, соопштија од Владата на Република Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Премиерот Заев и министерот за надворешни работи, Димитров, имаа конструктивен обид за презентација и за дискусија на содржината од Договорот, но претседателот Иванов го прекина и напушти состанокот и одби да разговара за придобивките од овој историски договор за македонската иднина“, се вели во соопштението од Владата.
Владата на Република Македонија ги повикува сите политички фактори да се обединат околу националните приоритети и да дадат поддршка за просперитетот на граѓаните и за влез на Македонија во НАТО и ЕУ.
„Граѓаните конечно добија шанса да испишат ново поглавје во историјата на нашата земја и никој нема право да ги спречува да ја донесат вистинската одлука за македонската иднина“, пишува во соопштението.
Претходно, од Кабинетот на претседателот на Република Македонија соопштија дека претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска ги прими премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи, Никола Димитров.
„Информираме дека средбата траеше 2 минути. Во текот на денешниот ден претседателот Иванов ќе има обраќање до македонскиот народ и граѓаните на Република Македонија“, велат од Кабинетот на Иванов.
Потсетуваме, премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, синоќа одржа прес-конференција на која информираше дека Република Северна Македонија е постигнатото решение на спорот околу името со Грција.