Admir Fazlagic
13 Јуни 2018•Ажурирај: 14 Јуни 2018
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов денеска се обрати до јавноста и истакна дека нема да го поддржи и потпише постигнатиот договор меѓу премиерите на Република Македонија и Република Грција за решавање на спорот околу името, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот Иванов информираше дека денеска за прв пат на увид му бил доставен постигнатиот договор меѓу премиерите на Република Македонија и на Република Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас.
На средбата што изутринава ја имал со премиерот Заев и министерот Димитров, Иванов изјави дека им кажал дека тоа е „нивен личен договор, нивна лична одлука и нивна одговорност."
Во обраќањето до јавноста, претседателот Иванов рече дека на премиерот Заев и на министерот Димитров им укажал дека овој, како што го нарече, штетен договор, претставува напуштање на досега изградените суштински државни позиции, а кои беа потврдени и на последните две лидерски средби. Тоа се, како што рече Иванов, неменување на Уставот и неприфаќање на име за севкупна употреба.
„Ваквиот штетен договор, кој е единствен во историјата на човештвото, за мене е недостоинствен и неприфатлив. Со него се крши Уставот, Законите и се рушат државните институциите. Нема да легализирам политички дивоградби. Владата не смогна сила и храброст да изградиме заеднички став и да се постигне национален консензус. Целиот овој преговарачки процес се одвиваше несериозно, неодговорно и нетранспарентно, за што сведочи и крајниот резултат", истакна Иванов.
Според претседателот Иванов текстот на договорот е поразителен за Република Македонија.
„Со него не се предвидува само промена на уставното име, туку промена на преамбулата, како и на сите членови од Уставот каде се споменува името и термините, произлезени од името Македонија.Дали е патриотизам да се менува преамбулата и да се избрише државно правниот континуитет на Република Македонија, Крушевската Република и АСНОМ? Дали е патриотизам бришење на членот од Уставот за заштитата на македонското малцинство во соседните земји? Дали е достоинствено да се информираат сите членки на Обединетите Нации дека сте го промениле уставното име? Дали е достоинствено да ги прифатите сите грчки барања и ултиматуми? Дали е лидерство да се прифати текст на договор во кој нема никаква правна сигурност и гаранции за македонската страна?", запраша Иванов.
Со ваков договор, се отвораат многу повеќе прашања и проблеми, отколку што се затвораат. Прашања со несогледливи последици по македонската држава и македонскиот народ, смета Иванов.
Претседателот Иванов изјави дека Грција успеала да ги исполни своите максималистички барања.
„Одговорно тврдам, дека тоа што го направи со Македонците во Грција, сега преку овој договор, настојува да го направи со Македонците во Македонија.Со ваков договор не се јакне македонскиот идентитет, туку се деградираат веќе стекнатите права кои ги имаме во Обединетите Нации. Се погазува заветот на нашите предци, на оние кои со чисто срце го создаваа вековниот идеал и стремеж за наша една и единствена Македонија. Се погазува 73 годишното право на самоопределување и државност на македонскиот народ, се брише 27 годишната историјата на независната македонска држава. Се што е свето за Македонија е погазено, а правото и гордоста на неродените да бидат Македонци им се ускратува", рече Иванов.
Во обраќањето до јавноста, Иванов истакна и дека Република Македонија ја губи својата суверена еднаквост што произлегува од Повелбата на Обединетите Нации.
„Повикувам да престане да се злоупотребува остварувањето на нашите стратешки цели и определби. Европската Унија и НАТО не смеат да бидат алиби за лош договор, кој ќе предизвика несогледливи и штетни последици по државните и националните интереси на Република Македонија. Ваквиот договор не го обединува општеството, туку дополнително го поларизира", истакна Иванов.
Како Претседател на Република Македонија, како и досега, така и во иднина, рече дека ќе се залага за изнаоѓање решение кое нема да го наруши достоинството на македонскиот народ и граѓаните на Република Македонија.
„Го повикувам македонскиот народ каде и да се наоѓа да не се плаши. Не ја губете вербата во себе. Чувајте го и негувајте го нашиот многувековен идеал на непокорот. Мојот став е конечен и нема да ме поколебаат со никакви притисоци, уцени и закани. Нема да поддржам и потпишам ваков штетен текст на договор", порача Иванов во обраќањето.
Потсетуваме, премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, вчера одржа прес-конференција на која информираше дека Република Северна Македонија е постигнатото решение за спорот околу името со Грција.