СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Зоран Заев, по средбата со претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, изјави дека е постигнат коалициски договор за создавање на парламентарно мнозинство, јавува Агенција Анадолија (АА).
По заедничката средба која се одржа во Клубот на пратеници, двајцата лидери одржаа заедничка прес-конференција.
Претседателот на СДСМ, истакнувајќи дека заедно со претседателот на ДУИ, Ахмети, и со генералните секретари на СДСМ и ДУИ, Љупчо Николовски и Артан Груби, имале успешна работна средба, рече дека ја прецизирале и потврдиле рамката за идната соработка на владината коалиција.
„Меѓу СДСМ и коалицијата „Можеме“ и ДУИ постигнат е коалициски договор за создавање парламентарно мнозинство, за распределба на одговорности, состав и принципите на новата Влада со полн мандат која во следните четири години ќе работи посветено на интересите на граѓаните и државата“, нагласи Заев, додавајќи дека тој ќе биде премиер во полн четиригодишен мандат.
Претставувајќи дел од принципите на кои се темели коалицискиот договор за Влада, претседателот на СДСМ рече дека квалитетни, одговорни и отчетни кадри ќе бидат предложени за сите ресори од двете страни.
Заев, исто така, истакна дека кадровската понуда ќе се води од принципите за еднакво општество за сите и дека во Владата нема да се предлагаат министри без ресор, со исклучок на вицепремиерските места.
Истакнувајќи дека ДУИ покажала големина и доблест во преговорите заради иднината на сите граѓани и заради иднината на државата, Заев рече дека дел од договорот е укинување на техничката Влада, техничките министри и техничкиот премиер и дека во последните 100 дена од мандатот Зоран Заев ќе се повлече од премиерската позиција.
„Техничката Влада е укината, техничкиот премиер е укинат, во тие 100 дена коалиционите партнери СДСМ и ДУИ, на предлог на ДУИ, ќе го постават премиерот којшто ќе ги води последните 100 дена од редовниот мандат“, рече Заев.
Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, истакна дека со задоволство информира дека е постигнат коалициски договор помеѓу ДУИ и коалицијата „Можеме“, предводена од СДСМ.
„Јас сум многу сигурен дека денешната наша одлука ќе биде поздравена од сите граѓани на нашата земја“, рече Али Ахмети и додаде дека секако, одлуката ќе биде поздравена и од партнерите во меѓународната заедница.
Ахмети, одговарајќи на новинарско прашање зошто се откажал од премиер Албанец, истакна дека идејата била да се доближат граѓаните, заедниците, а не да се раздвојат.
„Треба да се поздрави и храброста на господинот Заев за ова, што за првпат во оваа земја 100 дена премиер на земјата ќе биде еден Албанец предложен од ДУИ“, нагласи Ахмети.
Двајцата лидери, исто така, се договорија претседател на Собранието да остане досегашниот претседател Талат Џафери.
Според процедурите, по договорот за новата Влада се очекува претседавачот на Собранието, Џафери, да закаже продолжение на конститутивната седница на која треба да се избере претседател на Собранието. Потоа, претседателот на Собранието треба да свика нова седница на која треба да биде изгласана новата Влада.
Потсетуваме, претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, на 13 август му го врачи мандатот за состав на новата Влада на претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Зоран Заев, кој ја предводи коалицијата „Можеме“ која освои најмногу гласови на последните предвремени парламентарни избори одржани на 15 јули.
На овие избори, според конечните официјални резултати кои ги објави Државната изборна комисија (ДИК), најмногу пратенички мандати освои коалицијата „Можеме“, предводена од владејачкиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) односно 46, потоа ВМРО-ДПМНЕ 44, Демократската унија за интеграција (ДУИ) освои 15 мандати, коалицијата Алијанса на Албанците и Алтернатива освоија 12 мандати, Левица два мандат, а Демократската партија на Албанците освои еден мандат.