Ivana Ramadanova
22 Февруари 2016•Ажурирај: 23 Февруари 2016
СКОПЈЕ (АА) - ВМРО-ДПМНЕ негира дека не постојат услови за фер и демократски избори, стои во соопшението на владеачката партија, јавува Anadolu Agency (AA).
Според нив, точно е само дека не постои подготвеност на СДСМ да излезе на избори, затоа што е свесна дека ќе ги загуби бидејќи ја нема поддршката од народот, а точно е и дека заради тој страв СДСМ сака пролонгирање на кризата и СДСМ е подготвена на сè за да го направи тоа.
„Претставниците на САД и ЕУ не презентираа ниту еден сериозен и кредибилен аргумент во прилог на тезата за неподготвеноста на Република Македонија за избори со што е јасно дека станува збор за проценка базирана на политичка одлука, а не факти. СДСМ е единствената опозиција што се гордее дека измолила негативен извештај кај меѓународните претставници со кој би го аргументирала бегството и стравот од соочување со граѓаните на избори. СДСМ никогаш не дошла на власт со програма и проекти и знаат дека не можат да го сторат тоа. Единствениот начин што им преостанува е преку деструкција, подметнувања и оцрнувања на сопствената земја и институции што е можно подолго, технички да останат во Владата”, посочуваат од партијата.
На оваа тема се огласи и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој на денешната прес-конференција изјави дека фер избори на 24-ти април не може да има.
„Фер избори на 24-ти април не може и нема да има. Било какво инсистирање за избори на 24-ти април само заради спас на власта ќе ја втурне Македонија во уште подлабока криза. На Македонија ѝ се неопходни избори час поскоро, избори без фантомски гласачи и со слободни медиуми. Избори на кои ќе одлучат граѓаните, а не мафијата”, рече тој, додавајќи дека СДСМ нема намера да аминува уште едни криминални и нерегуларни избори и затоа партиите кои покренаа иницијатива за распуштање на парламентот и прогласување избори се тие кои сега треба да поднесат иницијатива за повлекување на таа одлука.
Двете најголеми политички партии се огласија по синоќешната оценка на меѓународната заедница која ја соопшти aмбасадорот на САД, Џес Бејли, а според која во Македонија нема услови за организирање на кредибилни избори за предвидениот датум, 24-ти април.