Admir Fazlagic
29 Јуни 2018•Ажурирај: 01 Јули 2018
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска во Брисел се состана со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, а по средбата одржаа заедничка конференција за медиумите, на која премиерот Заев истакна дека Македонија ја очекува и официјално поканата да стане 30. членка на НАТО, пренесува Anadolu Agency (AA).
Прес-службата на Владата на Република Македонија соопшти дека владината делегација, во чиј состав се Радмила Шекеринска, заменик-претседателка на Владата на Република Македонија и министерка за одбрана, Бујар Османи, заменик-претседател на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања и Никола Димитров, министер за надворешни работи, денеска во Брисел оствари средба со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
По средбата во новиот штаб на НАТО, премиерот Заев и генералниот секретар Столтенберг одржаа заедничка прес-конференција, на која премиерот Заев се заблагодари за пречекот со кој се потврдува заложбата на Северноатлантската алијанса, на следниот нејзин Самит, на 11 јули, да ја активира отворената покана за Република Македонија за членство во овој военобезбедносен сојуз.
„Ја очекуваме и официјално поканата да станеме новата, 30. членка на НАТО. Очекуваме, заедно со нашите пријатели, во периодот кој следува, да учествуваме на церемонија на која знамето на Република Македонија ќе го добие своето место меѓу останатите земји членки на Алијансата. Тој настан интензивно го чекаме уште од 2008 година, кога беше констатирано дека нашата земја ги исполни сите критериуми, дека ги постигна стандардите на Алијансата, за да биде еднаква меѓу еднаквите“, рече премиерот Заев на прес-конференцијата во НАТО.
Како што информираат од Владата, во својата изјава пред медиумите, премиерот Заев укажа на фактот дека Република Македонија и дотогаш, до Букурешт 2008, и оттогаш наваму активно учествува во мисиите на Северноатлантскиот сојуз.
Премиерот Заев укажа и на значајното место што во безбедносните политики на Република Македонија, го има и регионалната соработка.
„Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство со Грција, го откочи нашиот прием во Алијансата, и нашата земја го добива местото што го заслужува. Она што е еднакво значајно е што со Грција изградивме пријателство. Тоа е скапоцениот камен во нашите односи. Тоа е факторот поради кој сега нашите граѓани од двете земји можат да бидат сигурни и безбедни“, нагласи премиерот Заев, и додаде дека со Република Бугарија се воспоставени односи кои долго, непотребно се одложуваа, а добрата волја, политиките базирани на заемно разбирање и почитување, се во темелите и на односите со сите останати пријатели од регионот – Албанија, Србија и Косово.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во својот дел од обраќањето пред јавноста истакна дека тој очекува на претстојниот Самит на шефови на држави и на влади на НАТО, да биде испорачана поканата за преговори за членство, и дека веднаш штом ќе бидат исполнети одредбите од Договорот со Грција, земјите членки на НАТО ќе почнат со ратификации на Спогодбата за членство на Македонија во Алијансата.
Генералниот секретар Столтенберг, на прашање од новинарите, додаде дека со исполнувањето на одредбите предвидени со Договорот од Преспа, Република Македонија веднаш добива столче во Советот на НАТО и се стекнува со правото да учествува во сите сесии и состаноци.