Admir Fazlagic
29 Јуни 2018•Ажурирај: 30 Јуни 2018
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, оствари средба со Дуда Баље, претседателка на Комисијата за човекови права, родова еднаквост, исчезнати лица и петиции од Република Косово, и со членовите на истата комисија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што се информира од Собранието на Република Македонија, Џафери искажал големо задоволство од реализирањето на оваа средба, при што, особено истакнал дека средбите на парламентарно ниво претставуваат основа за понатамошно продлабочување на добрите билатерални односи меѓу двете земји.
Претседателот на Собранието на Република Македонија накратко ги информирал членовите на Комисијата за активностите на Собранието во однос на главниот фокус на саканите измени во функционирањето на Собранието, со една единствена цел, а тоа е враќање на вистинската, со Уставот утврдена, улога на законодавната власт, која во своето функционирање треба да биде независна од финансиски, безбедносен и од аспект на посебен закон за собраниската служба, која по начинот на работење се разликува од останатата администрација.
„Покрај тоа, претседателот Џафери зборуваше и за ангажманот на Владата на Република Македонија во постигнувањето на добрососедските односи со сите соседи, каде што, покрај потпишувањето на Договорот со Бугарија, го спомна и неодамнешното постигнување на заемно прифатливо решение за спорот за името со Република Грција, и сето тоа во насока на исполнување на потребните предуслови за добивање покана за полноправно членство во ЕУ и НАТО, што се утврдени стратешки цели на Република Македонија уште од осамостојувањето“, се вели во соопштението.
Пратеничката од косовскиот Парламент, Баље, се заблагодари за континуираната поддршка што Република Македонија ѝ ја дава на Република Косово, во нејзините напори за етаблирање на меѓународната сцена, а особено за парламентарната поддршка.
Таа изрази желба и надеж ваквата соработка да продолжи и во иднина со уште поголем интензитет, а групите за пријателство во двата парламента да бидат добра основа за развивање на тие односи, за размена и добивање искуства.
„Со оглед на тоа што меѓу двете земји е изградена богата нормативно-правна рамка, а покрај тоа, врските помеѓу граѓаните од двете страни се на повеќе нивоа, нема никаква пречка за унапредување на економската соработка и трговската размена“, изјавил Џафери.
„На крајот на средбата, соговорниците се согласија дека ќе продолжат со остварување на редовните контакти и редовните заемни посети“, информираат од Собранието.