Admir Fazlagic
31 Август 2020•Ажурирај: 01 Септември 2020
СКОПЈЕ
Новоизбраниот премиер на Република Северна Македонија Зоран Заев во своето прво обраќање до јавноста откако Собранието ја изгласа новата Влада истакна дека Северна Македонија доби нова, ефикансна и одговорна Влада која ќе работи во интерес на граѓаните и државата, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Вечерва Северна Македонија доби нова, мала, ефикасна и одговорна Влада, подготвена да работи и да сработи посветено, исклучиво согласно интересот на граѓаните и државата, изјави Заев.
Тој истакна дека во следните четири години, како Влада, со сите ресурси ќе дејствуваат за да ја оправдаат довербата на пратениците, односно на граѓаните кои им го доделија мандатот на пратениците.
„Прв приоритет на новиот владин состав ќе биде продолжување на антикризните мерки за уште поголема помош за граѓаните и економијата. Надминувањето на последиците од коронакризата и враќање на претходните стапки на економски раст, ќе биде во фокусот на работата на Владата", потенцираше Заев.
Во својот говор, новоизбраниот премиер рече дека со изборот на Владата го комплетирале системот на ефикасни и силни институции и со полн капацитет и легитимитет кои ефикасно ќе работат во надминување на последиците и предизвиците од коронавирусот (Ковид-19).
Заев посочи дека уште во првите месеци од мандатот, новата Влада ќе обезбеди механизми за структурни реформи во јавната администрација, но и во делот на владеење на правото преку прочистување на судството и градење силна, независна правна држава.
„Доаѓа време на ред, правда и дисциплина. Законите се донесени, сега е време за нивно брзо и доследно спроведување. Кој не сака да почитува закон, ќе се соочи со закон. А, ние како Влада ќе бидеме партнер на сите чинители во законодавната, извршната и судската власт, како и граѓанското општество, медиумите и групите од интерес кои сакаат да придонесат кон градење на систем на правдата кој ќе им служи на граѓаните", изјави Заев и додаде:
„Процесот на евроинтеграција продолжува уште позасилено. Владата и институциите, се подготвени за старт на преговорите со ЕУ и отворање на првите поглавја. Следува период на трансформација и европеизација на нашата татковина. Ова е период кога сечии придонес е важен, очекуван, потребен и суштински. Затоа, почитувани граѓани, во време кога започнува најинтензивната македонска европеизација, приклучете се."
Меѓу другото, во обраќањето Заев ги повика граѓаните да се приклучат во борбата против корупцијата, отпорот против Ковид-19, а апелираше да го прифатат и повикот за широка мобилизација на сите капацитети со кои ќе го исчистат воздухот, водите и почвите.
„Следува неповторлив период за Северна Македонија. Имаме шанса која не смееме да си дозволиме да ја пропуштиме. Затоа дајте свој придонес во трансформацијата на нашата држава, нашето заедничко општество", истакна Заев.
Артан Груби, кој во новата Влада е избран за прв вицепремиер и министер за политички систем, во своето прво обраќање вети дека како Влада ќе работат во интерес на граѓаните, а Владата ќе биде одговорна и евроатлантска.
„Од вечерва ние ќе бидеме едно за доброто на граѓаните. Сакам да им упатам порака на сите граѓани дека нема да ве разочараме", истакна Груби.
Потсетуваме, со 62 гласа „за", 51 „против" и ниту еден воздржан по дводневната расправа Собранието на Република Северна Македонија ја изгласа новата Влада предловдена од лидерот на СДСМ Зоран Заев. На седницата на Собранието на Република Северна Македонија за избор на Владата од вкупно 120 присуствуваа 113 пратеници.
Во новата влада 11 членови има СДСМ, 6 ДУИ, додека партиите Беса и ЛДП, предизборни коалициони партнери на СДСМ имаат по едно министерско место.
Изборот на Владата следуваше по предвремените парламентарни избори кои се одржаа на 15 јули оваа година, на кои највеќе гласови освои коалицијата „Можеме" предводена од СДСМ.