Samir Kajoševic
31 Август 2020•Ажурирај: 31 Август 2020
ПОДГОРИЦА (АА) - Опозициските партии во Црна Гора прогласија победа на парламентарните избори во земјата, јавува Агенција Анадолија (AA).
Според податоците на Центарот за мониторинг, трите опозициски коалиции имаат 42 мандати во парламентот кој брои 81 пратеници. Државната изборна комисија на Црна Гора сè уште не ги соопшти прелиминарните резултати од изборите.
Носителот на листата „За иднината на Црна Гора“, Здравко Кривокапиќ, рече дека очекува опозицијата да формира експертска влада.
„Секако, ова се три коалиции кои се природни опозиционери и тие ќе сторат сè за да изградат иднина за сите подеднакво, а не да имаме првокласни, второкласни и третокласни. Раката на помирувањето треба да биде основа на нашиот соживот. Тоа го нудиме на сите. Сите национални партии да пристапат кон победникот. Не затоа што сакаме да имаме кој било со нас, туку дека не можеме да ја градиме Црна Гора поинаку“, рече Кривокапиќ.
Тој повика и на повлекување на Законот за слобода на вероисповед и рече дека ќе се изработи поправичен закон.
„До крај ќе го почитуваме Уставот и ќе ги направиме првите два закона - Законот за потекло на имотот во кој ќе се постават такви членови за што оние што имаат докази за имотот ќе бидат на слободни, а оние што немаат ќе се преиспитуваат, и законот за лустрација со кој мора да се ограничи делувањето на оние кои досега го злоупотребуваа она што го нарекуваме корупција. Корупцијата ќе ја сведеме на нула затоа што каде што има корупција, тоа е слаба држава“, рече тој.