Admir Fazlagic
13 Април 2017•Ажурирај: 13 Април 2017
СКОПЈЕ (АА) - Царинските службеници од грничниот премин Богородица вчера запленија 144 килограми марихуана, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението на Царинската управа на Република Македонија, вчера, на 12 април 2017 година на граничниот премин Богородица на излез од Република Македонија било запрено товарно возило со полуприколка со странски регистарски ознаки управувано од бугарски државјанин.
„Кога осомничениот пристигнал на граничниот премин Богородица на царинските службеници им рекол дека нема ништо за пријавување и дека возилото е празно. Бидејќи царинските службеници се посомневале во неговата изјава, возилото било селектирано за контрола. При контрола на возило во страничните даски од полуприколката, царинските службеници забележале дека истите биле наполнети со наркотична дрога марихуана. Вкупната количина на запленетата марихуана е 144 килограми", се вели во соопштението на Царинската управа.
Од таму информираат дека предистражната постапка е се уште во тек и се прибираат докази.
Царинската управа поднесе кривична пријава против осомниченото лице до надлежното јавно обвинителство, поради постоење на основи на сомнение дека е сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги психотропни супстанции и прекурсори“.