Admir Fazlagic
21 Август 2017•Ажурирај: 21 Август 2017
СКОПЈЕ (АА) - Министерството на Република Македонија денеска добило нота од амбасадата на Република Србија во Скопје со која се известува дека персоналот од Амбасадата е повикан на консултации во Белград, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Министерството за надворешни работи на Република Македонија денес доби нота од амбасадата на Република Србија во Скопје, со која сме известени дека персоналот на Амбасадата е повикан на консултации во Белград. Министерството за надворешни работи на Република Македонија не е запознаено со причините за оваа одлука и во тој правец воспоставува комуникација со Министерството за надворешни работи на Република Србија во насока на утврдување на причините за оваа постапка", соопшти Министерството за надворешни работи на Македонија.
Во соопштението се додава дека согласно релевантните одредби на Виенската Конвенција за Дипломатски односи, соодветните институции на Република Македонија преземаат мерки за заштита на безбедноста и интегритетот на амбасадата на Република Србија во Скопје.