САРАЕВО (AA) - Претседавачот на Советот на министри на БиХ Денис Звиздиќ и претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев денеска се состанаа во Сараево во рамките на официјалната посета на Владата на Република Македонија на оваа земја, јавува Anadolu Agency (AA).
На средбата беше истакнато дека односите помеѓу Босна и Херцеговина и Република Македонија се квалитетни, конструктивни и пријателски, се развиваат во нагорен тренд и како две слични, повеќенационални земји можат да бидат значителна поддршка една на друга.
Премиерот на Македонија Зоран Заев истакна дека со оваа пријателска посета се отвораат убави перспективи за регионот, посебно за Македонија и БиХ.
Заев рече дека во согласност со Берлинскиот процес Македонија и БиХ испраќаат силна порака дека двете земји сакаат да напредуваат на патот кон ЕУ.
Се осврна и на потпишување на меморандум за соработка во областа на земјоделството, истакнувајќи дека тој се однесува не само на подобрување на соработката во таа област туку и на тоа дека двете земји заедно настапуваат кон други пазари и ИПА фондови.
Програмата од областа на културата, според неговите зборови требало порано да биде потпишан и таа се однесува не само на подобрување на културната соработка на сите нивоа.
Македонскиот премиер упати честитки на Советот на министри на БиХ на успесите постигнати на патот кон ЕУ и посака успех во исполнување на Прашалникот на ЕУ за да БИХ што побрзо го добие кандидатскиот статус.
„Ние сме две земји кои веруваат дека различноста, мултиетничноста и мултијазичноста се големо богаство и во БиХ и во Република Македонија и веруваме дека тоа е големо богаство и наша предност за влез во ЕУ и тоа е нешто што треба да го негуваме и унапредуваме", рече Заев.
Со пораката дека пријателите доаѓаат кај пријатели, Звиздиќ посетата на делегацијата на Владата на Република Македонија ја нарече како почеток на една содржинска, успешна, регионална соработка која во наредниот период ќе биде одбележана со голем број меѓусебни посети што, како што рече, ќе резултира со одржување на заедничка седница на Советот на министри на БиХ и Владата на Република Македонија.
„Помеѓу БиХ и Македонија не постои ниту едно отворено прашање. Нашите односи се исклучително квалитетни, конструктивни, пријателски и се развиваат во нагорен тренд, во рамките на политичката, општествената, културната и секаква друга соработка базирана на меѓусебно разбирање и базни регионални приоритети на кои сме им посветени сите во регинот на Западен Балкан, а тоа се евроатланските интеграции, односно европските интеграции како најмал заеднички именител на нашите најважни надворешно-политички цели", рече Звиздиќ.
Истакна дека БиХ и Македонија имаат квалитетна економска соработка, но констатирано е дека таа може дополнително да се подобри и унапреди. Економската соработка во текот на минатата година била на ниво од 300 милиони КМ, а Звиздиќ изрази надеж дека до крајот на 2018 година ќе биде зголемена за дополнителни 100 милиони КМ.
„Ова на што посебно ќе работиме е јакнење на инфраструктурната поврзаност, како патната така и во сите други видови превоз, а очекуваме дека најверојатно до крајот на годината ќе се создадат услови да се воспостави директна авиолинија помеѓу овие два главни града, што сигурно ќе им даде нов поттик на стопанствениците, поквалитетна соработка на нашите бизнисмени, но и јакнење на нашата туристичка соработка", рече Звиздиќ и додаде:
„Секако, инфраструктурната поврзаност на Балканот која ја наследивме е многу лоша, недоволно квалитетна, но нашата определба е да го јакнеме регионот во таа смисла, бидејќи квалитетната инфраструктура сигурно значително ќе ги унапреди нашите меѓусебни, пред се економски односи."
Подвлече дека доаѓањето на премиерот на Македонија е извонредна порака на комплетниот регион и Европската унија.
„Тоа е порака дека во една повеќенационална држава каква што е Македонија, но и БиХ, може да се дефинира најмалиот заеднички интерес, најважните приоритети на база на таквите приоритети може да се постигне неопходниот консензус земјата да се води во правецот на европските интеграции и економскиот развој. БиХ и Македонија по многу нешта, па и во врска со фактот дека сме повеќенационални земји, се слични, можат да бидат значителна поддршка една на друга, а истовремено можеме да бидеме извонреден пример дека тоа единство на различностите може во потполност квалитетно да функционира, може да биде функционален дел на големиот простор на ЕУ", порача Звиздиќ.
Пред конференцијата за медиуми приредено е потпишување на Меморандум за разбирање помеѓу Министерството за надворешна ттрговија и економски односи на БиХ и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија, од страна на Мирко Шаровиќ, заменик-претседавачот со Советот на министри и министер за надворешна трговија и економски односи на БиХ, и Љупчо Николовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија.
Министерот за цивилни работи на БиХ Адил Османовиќ и министерот за култура на Република Македонија Роберт Алаѓозовски потпишаа Програма за културна соработка помеѓу Министерството за цивлини работи на БиХ и Министерството за култура на Република Македонија.
Освен унапредување на соработката во областа на земјоделството и рурален развој и во областа на културата, Звиздиќ најави дека во нарендиот период, веќе во септември, може да се очекува потпишување на останатите договори од областа на економската соработка, туризмот, патниот и сообраќајниот превоз и признавање на документите.
Порача дека соработката помеѓу БиХ и Македонија ќе биде дополнително зајакната, поинтензивна за да токму на релацијата на овие две земји се покажа дека повеќенационалните заедници можат успешно да функционират и дека можат да бидат кредибилен партнер на ЕУ.
Македонскиот премиер со протоколот на посетата ќе се состане и со претседавачот на Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на БиХ како и со претседавачот и членовите на Претседателството на БиХ.
Претседавачот на Советот на министри на БиХ, Денис Звиздиќ, и претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, ќе го посетат Ротимље каде што ќе положат венец на спомен-обележјето на трагично настраданиот претседател на Република Македонија, Борис Трајковски, и членовите на неговата придружба.
Во вечерните часови Звиздиќ и Заев ќе престојуваат во Мостар, каде што ќе присуствуваат на манифестацијата „Mostar Peace Connection“ и ќе ја потпишат Мостарската повелба за мир.