Alma Çekovic
23 Јули 2017•Ажурирај: 23 Јули 2017
САРАЕВО (AA) - Членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина Бакир Изетбеговиќ и Младен Ивановиќ разговараа со претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев и констатираа дека помеѓу двете пријателски и блиски земји нема отворени прашања, како и дека политичките односи се исклучително добри, јавува Anadolu Agency (AA).
Во македонската делегација беа и пет министри од Владата на Република Македонија предводена од Заев, а во текот на состанокот најавено е отворање на директна авио линија помеѓу Сараево и Скопје, како и потпишување на низа договори, меѓу кои и признавање на возачките дозволи и преминување на границата со лична карта.
Соговорниците тоа го оценија како основа за понатамошно унапредување на економската соработка и трговската размена помеѓу двете земји.
Македонскиот премиер Заев ги запозна членовите на Претседателството на БиХ со актуелната социополитичка ситуација во неговата земја и нејзиниот евроатлански пат за кој цени дека нема алтернатива.
Членовите на Претседателството изразија задоволство поради формирање на новата влада и стабилизација на состојбите во Македонија, сметајќи дека така е испратена силна порака на целиот регион дека е можно да се направи сериозен исчекор кон стабилноста на државата и просперитетот на нејзините граѓани, соопштено е од Претседателството на БиХ.
На состанокот во име на претседавачот на Претседателството БиХ Драган Човиќ присуствуваше советникот Тугомир Чуљак.