Zülfiya Yakup
13 Април 2017•Ажурирај: 14 Април 2017
ПРИШТИНА (АА) - Мирните односи меѓу Косово и Србија се услов за европските интеграции на двете земји, порача денес во Приштина шефот на германската дипломатија Зигмар Габриел, јавува Anadolu Agency (AA).
Габриел, по состанокот со косовскиот премиер Иса Мустафа, порача дека нормализирањето на односите меѓу Косово и Србија е важно не само за европскиот пат на двете земји, туку и за олеснување на животот на граѓаните на Косово и Србија.
„Свесни сме дека по војната, по оружениот судир, неопходна е посветеност, време и трпение, бидејќи тоа е единствениот пат за да се постигнат мирни меѓусебни односи, како и стабилност во регионот. Поради тоа, и кај вас и кај српската страна кажуваме да се избегнат провокациите и да се олесни животот на граѓаните“, рече Габриел на заедничката прес-конференција со косовскиот премиер.
Германскиот дипломат истакна дека Косово треба да ја формира Заедницата на српски општини и дека треба да го продолжи дијалогот во Брисел, како единствена алтернатива за двете страни. Тој наведе дека Европската Унија (ЕУ) констатирала значителен напредок на Косово во борбата против корупцијата, но дека за добивање на визна либерализација треба да биде ратификуван и договорот за демаркација на границата со Црна Гора.
„Зошто косовските претставници, членовите на Собранието, го блокираат прашањето што ќе им го олесни животот на косовските граѓани? Како резултат на таквиот став нема либерализација на визите, бидејќи Европската Унија одлучи тоа да биде услов и затоа по ова прашање треба да се дискутира во земјата, и да се разјасни зошто тие (опозицијата) се против овој процес“, рече тој.
Одговарајќи на прашањата на новинарите, шефот на германската дипломатија истакна дека Косово има право да формира своја војска, како и сите други земји, но дека тој процес мора да биде хармонизиран со сите учесници во власта на Косово, алудирајќи на „Српската листа“, и дека во овој процес треба да помогнат и соседните земји и ЕУ.
Косовскиот премиер Мустафа истакна дека Косово нема да се откаже од планот за формирање своја војска.
„Имаме план за формирање на војската и сметаме дека Косово треба да има своја војска, но постои согласност на сите политички и институционални структури во Косово, вклучувајќи го и претседателот на државата, ова прашање да биде во координација со НАТО, со земјите од ЕУ, и САД, и да се развие дебата со сите заедници, со цел да се добие согласност на сите заедници и со тоа процесот да биде сеопфатен“, рече Мустафа.
Тој, во врска со демаркацијата на границата со Црна Гора, рече дека досега се исцрпени сите можности, и дека не постои друга граница меѓу двете земји од онаа што е утврдена од страна на Комисијата за разграничување и дека со Црна Гора нема за што да се преговара. Според него, Косово нема други аргументи, а спротивствувањето на опозицијата е само политичко условување на власта.
Мустафа, исто така, се сложи дека дијалогот меѓу Косово и Србија нема алтернатива, и наведе дека останува Косово да ја формира Заедницата на општини со српско мнозинство, која ќе се реализира во согласност со Бриселскиот договор и со одлуката на косовскиот Уставн суд. Косовскиот премиер истакна дека Германија е многу важен партнер на Косово во сите области и побара понатамошна поддршка за зачленување во меѓународните организации.