Abdula Berisha
20 Септември 2019•Ажурирај: 21 Септември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Исламската верска заедница (ИВЗ) на Северна Македонија со свечена академија оддржана во Македонската филхармонија го одбележа доаѓањето на новата 1441 (Хиџретска) календарска година во исламот, јавува Anadolu Agency (AA).
На свечената академија присутни беа поглаварот на ИВЗ, Сулејман Реџепи, муфтии од различните региони, професори на Факултетот за исламски науки како и професори на медресите, дипломати и претставници на локалната власт.
Присутните имаа можност да слушаат читање на делови од Куранот и илахии (духовна музика), по што следуваше обраќањето на поглаварот на ИВЗ, Сулејман Реџепи.
Упатувајќи честитки на муслиманите за новата година, тој рече дека Хиџра како исламски чин претставува револуција, посочувајќи дека по Хиџретот, божјиот пратеник Мухамед, го постави камен темелникот на исламската држава во Медина.
Реџепи потсети дека една од првите дела на божјиот пратеник Мухамед по неговото пристигнување во Медина е изготвувањето на Уставот на Медина, со кој како што рече Реџепи, се гарантирал еднаквиот живот за муслиманите и немуслиманите.
„Денес во модерното време, денес во 21-виот век, на сите правни факултети во светот се спомнува Уставот на Медина, кој што е висока правна рамка која ги постави првите темели на еднаквоста меѓу луѓето, без оглед на нивната верска, етничка, национална, социална или друга припадност“, рече Реџепи.
Потоа, поглаварот на ИВЗ ја додели наградата „Муфти Вехби Дибра“, која ИВЗ ја доделува за специјални придонеси во различни области. Годинава беа наградени четири личности: членот на Уставниот суд, Сали Мурат, лекарот Идриз Орана, директор на агенцијата за Халал стандардот, Муамер Весели, и публицистот и претседател на Меџлисот за Фетва при ИВЗ, пр. Јусуф Зимери.
Покрај тоа, се доделија и признанијата за најистакнатите ученици на медресите во Северна Македонија, како и дипломите за 22 хафизи, личности кои го научиле на памет Куранот, светата книга на муслиманите.