Vesna Besic, Lejla Biogradlija
10 Јули 2021•Ажурирај: 11 Јули 2021
ВЕСНА БЕСИЌ
Карикатуристот Адмир Делиќ, кој никогаш не сака да се заборави геноцидот извршен во јули 1995 година во Сребреница, преку своите цртежи ја пренесува болката претрпена во деновите за време на геноцидот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Делиќ во своите цртежи ја одразува болката што ја претрпел поради тоа што ги загубил своите најмили во геноцидот, во кој биле убиени 8.372 цивили откако српските војници под водство на воениот злосторник Ратко Младиќ влегоа во Сребреница на 11 јули 1995 година.
Тој во изјава за АА истакна дека пред четири години почнал со своите цртежи за геноцидот во Сребреница.
„На почетокот цртав само за 11 јули. Потоа реков дека не треба да се заборават лицата што загинале таму и одлучив на 11-ти секој месец да го раскажувам геноцидот“, рече тој, нагласувајќи дека од минатата година направил 11 цртежи.
Според него, овие цртежи ги споделува на социјалните мрежи и за нив има голема заинтересираност и се споделуваат низ светот.
Делиќ нагласи дека за цртежите е инспириран од приказните раскажани од страна на лицата што биле сведоци на геноцидот, и дека почнал да ги прави овие цртежи со цел да не се заборави и да не се повтори геноцидот во Сребреница.
„Мојата цел е да не се заборави 11 јули. Имам цел да направам 8.372 цртежи. Знам дека е невозможно да се постигне оваа бројка за кратко време, но можеби од таа точка на која ќе запрам, ќе продолжи друг“, додаде Делиќ.
Тој истакна дека досега направил 50 цртежи во врска со геноцидот, изразувајќи задоволство од добиената поддршка во оваа насока.