Andelija Stojkovic
23 Октомври 2017•Ажурирај: 23 Октомври 2017
БЕЛГРАД (АА) - Претседателот на Големото народно собрание на Турција, Исмаил Кахраман, денес во Белград изјави дека Србија има голема улога на Балканот и дека со Турција дели многу работи од минатото, но и од она што доаѓа во иднина, јавува Anadolu Agency (AA).
„Србија и Турција не се соседи, но сме големи пријатели. Србија има голема улога на Балканот. Значајна е за нас и за Балканот. Имаме многу заеднички работи - културата, историјата; имаме многу заеднички нешта во иднина“, рече Кахраман по состанокот со претседателката на Собранието на Србија, Маја Гојковиќ.
Тој на прес-конференцијата во Собранието на Србија изјави дека при последната посета на Србија пречекот на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, бил прекрасен, срдечен и пријателски, и дека тој и неговите колеги од Парламентот на Турција, денес во Белград се пречекани многу срдечно.
Кахраман се заблагодари за поддршката што Србија ѝ ја даде на Турција за време на неуспешниот обид за државен удар на 15 јули 2016 година, како и за изложбата којашто е приредена оваа година по повод одбележувањето на годишнината од обидот за пуч.
„Ви благодариме за поддршката што ни ја дадовте на 15 јули 2016 година. Бевте покрај нас во најтешките моменти“, рече Кахраман.
Претседателката на Собранието на Србија, Маја Гојковиќ, изрази задоволство што претседателот на турскиот парламент за кратко време ја прифати поканата да биде гостин на Србија.
Таа оцени дека денешната средба била содржајна и дека било разговарано за потребата од унапредување на соработката меѓу двата парламента, соработкта во меѓународните организации, за тероризмот, но и за пријателството меѓу двата народа.
Гојковиќ рече дека двата парламента во 2015 година потпишаа договор за соработка, и дека сега кога постои стратешки договор за соработка меѓу двете земји, тие сакаат да потпишат меморандум за формирање на заедничка комисија која ќе ја следи соработката на ниво на владите на Србија и Турција.
„Благодарна сум што мојот соговорник повтори дека Србија во еден од најтешките моменти во Турција, при обидот за државен удар, понуди пријателска рака и меѓу првите во светот ја поддржа легално избраната власт“, рече Гојковиќ.
Таа додаде дека во Анкара се уверила оти парламентот бил бомбардиран за време на седницата.
„Потпишав заедничка изјава на осуда на тој акт и тоа беа знаци на големо пријателство помеѓу народите на Србија и Турција, кое денес се покажува со голема и длабока соработка меѓу нашите претседатели и влади“, рече Гојковиќ.
Таа истакна дека Кахраман ќе се состане со српскиот претседател Александар Вучиќ, со премиерката Ана Брнабиќ, како и со претставници на Војводина.
Нашата желба е Турција со своите инвестиции да биде присутна во целата наша земја, како на југ, така и во Војводина“, рече Гојковиќ
За претседателот на Собранието на Турција, Гојковиќ приреди свечен пречек со највисоки почести.
Кахраман по завршувањето на состанокот се потпиша во собраниската книга на гости.
Претседателот на Големото народно собрание на Турција престојува во официјална посета на Србија од денес до 25 октомври.