Zylfije Adem Jakupi
22 Јуни 2020•Ажурирај: 23 Јуни 2020
ПРИШТИНА
Косовскиот Србин Дарко Тасиќ е осуден денес со првостепена пресуда на 22 години затвор за воено злосторство врз албанските цивили извршено во текот на последната војна во Мала Круша, кај Призрен, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Одделот за тешки злосторства во Основниот суд во Призрен го прогласи за виновен обвинетиот Дарко Тасиќ од селото Мала Круша, општина Призрен, за кривично дело воено злосторство против цивилното население и го осуди на единствена казна од 22 години затвор.
Во соопштението на Основниот суд во Призрен се наведува дека во казната ќе се пресмета времето поминато во притвор од 22.11.2017 до правосилната пресуда.
Тасиќ е прогласен за виновен за сквернавење на тела на неидентификувани лица, нивно палење и фрлање во реката Дрим.
Тој исто така е виновен за настаните кои се случија меѓу 15 и 26 март во 1999 година во Мала Круша каде како член на резервниот состав на полицијата на тогашна Југославија во соучесништво со други лица чиј идентитет треба да биде утврден, учествувал во конфискација на имот, грабеж, нелегално и намерно уништување на имот (палење на куќи) што не беше оправдано со воени дејствија.
Дарко Тасиќ ја негираше вината и се бранеше со молчење.
За време на изрекувањето на пресудата, семејствата на жртвите од Мала Круша протестираа пред судот. Роднините на жртвите носеа фотографии од своите сакани.