Agim Sulaj
14 Мај 2021•Ажурирај: 16 Мај 2021
ПРИШТИНА
Во главниот град на Косово, Приштина, се одржа марш за солидарност со палестинскиот народ, на кој учествуваа над стотина граѓани од земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Маршот започна на Плоштадот „Захир Пајазити“, заврши на Плоштадот „Скендербег“ во Приштина, а организиран е од страна на организацијата „Колектив за феминистичко мислење и акција“.
Демонстрантите на маршот носеа транспаренти со натписи како „Слобода за Палестина“, „Не бомбардирајте ја Газа“, „Против етничко чистење“, „Без слобода на Палестина, нашата слобода не е исполнета“, „Во солидарност со палестинскиот народ“, „Против фашизмот и шовинизмот на Израел“, и „Израел ги убива палестинските деца“.
Газменд Ќуќала, граѓански активист, истакна дека постојаниот притисок и насилство врз палестинскиот народ од страна на Израел е прекршување на основните права и слободата на народите.
Според него, во последните денови биле сведоци на вестите и снимките од Палестина, кои го покажуваат државното насилство и злосторствата на Израел кои ги врши врз палестинскиот народ.
„Овој систематски притисок кој ескалира во последните денови, не е нешто ново, туку е продолжение на притисокот во последните 73 години. Ова насилство се користи за да се постигне демографска промена“, рече тој.
Ќуќала истакна дека Газа која е под блокада, станува место каде што не може да се живее поради безбројните бомби на Израел фрлени во последните денови.
„Ослободувањето на Палестина и палестинскиот народ е единствениот начин за слободата и еднаквоста да имаат значење. Ние денеска сме тука заради солидарност со палестинскиот отпор“, додаде Ќуќала.