Dejan Maksimovic
21 Мај 2017•Ажурирај: 21 Мај 2017
ЗАГРЕБ (АА) - Во седум часот наутро се отворени гласачките места низ Хрватска за локалните избори на кои над 3,7 милиони регистрирани гласачи ќе избираат околу 9.500 локални претставници од 47.601 кандидат, јавува Anadolu Agency (AA).
Гласачките места ќе бидат отворени до 19 часот. Избори за локалната власт, како и изборите за хрватскиот Парламент, се одржуваат на секои четири години. Вториот круг од локалните избори, доколку кандидатот не е избран со мнозинство гласови, ќе се одржи две недели подоцна, на 4 јуни 2017 година.
Според официјалните податоци од Државната изборна комисија (ДИК) до 19 часот на државно ниво ќе бидат отворени 6.618 избирачки места, а вкупно 612 избирачки места ќе има само градот Загреб.
На денешните локални избори граѓаните ќе бираат претставничка и извршна власт - општински и градски совети и жупански собранија, градоначалници на општини, градоначалници, жупани и нивни заменици во 428 општини, 127 градови и 21 окрузи.
На изборите кои се вклучени 126 политички партии, за жупани се пријавиле 96 кандидати, а за градоначалници и општински началници 1.716. За заменик-жупани од редовите на етничките малцинства 23 кандидати, а за заменик-градоначалници и градоначалници 129.
За места во локалната власт на овие избори се натпреваруваaт 47.000 кандидати, помалку во однос на изборите од 2013 година.
Хрватските граѓани со право на глас ќе избираат 20 жупани и 51 заменици жупани, 127 градоначалници и 193 нивни заменици, 428 началници на општините и 440 нивни заменици.
Замениците од редовите на националните малцинства, односно од хрватскиот народ, имаат 152 места, со тоа што Србите избираат најмногу, 87, а Бошњаците пет.
Дозвола за набљудување на изборниот процес имаат 12.406 набљудувачи, дозволата е издадена од страна на изборните комисии или од страна на ДИК.
Изборниот процес го набљудуваат и 22 странски набљудувачи на изборните комисии од другите земји, здруженија на изборни органи и набљудувачи на странските амбасади во Република Хрватска.
Резултатите од одѕивот на гласачите ќе бидат објавени во текот на денот, а првите излезни анкети ќе бидат објавени по 19 часот, додека првите прелиминарни резултати од изборите ДИК ќе ги соопшти околу 21 часот.