Bekim Laci
25 Декември 2017•Ажурирај: 26 Декември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за транспорт и врски, Горан Сугаревски, и директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Борис Тунѓев, на заедничка прес-конференција го најавија стапувањето на сила на новите тарифи со кои се намалуваат трошоците на услугите на катастарот, јавува Anadolu Agency (АА).
По состанокот, министерот Сугаревски изрази уверување дека новите мерки ќе ги намалат трошоците за услуги за граѓаните и компаниите, но истовремено ќе нудат и подобри услуги.
Како што објасни министерот Сугаревски, со новата мерка се вклучени три тарифи понудени од страна на катастарот, како што се регистрацијата на инфраструктурните објекти, каде што намалувањето е 90 отсто, регистрацијата на недвижниот имот во катастарот каде што намалувањето е 51 отсто, и тарифите за надоместок за користење на геодетските податоци во катастарот, каде намалувањето изнесува 21 отсто.
„Со мерката за намалување на цените за услугите на катастарот го исполнивме ветувањето дадено во владината програма останувајќи понатаму посветени во нашите реформски цели за модернизација и подигнување на капацитетот на државните институции”, рече Сугаревски, според кој, Агенцијата на катастар за недвижности ја има најважната улога во регулирањето на геопросторната инфраструктура, урбанистичкото планирање и пазарот на недвижности.
Тој додаде дека се очекува дека ќе се избегне донесување на закон за геодетска дејност надвор од законот за катастар, кој ќе биде усогласен со законите на ЕУ.
Од друга страна, директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Борис Тунѓев, рече дека новите тарифи веќе се објавени во Службен весник, а тие овозможуваат во катастарот на недвижности да се регистрираат и нелегалните изградби кои може да се легализираат, за кои цената за метар квадратен се намалува од 10 на 8 денари.
Според него, најмногу ќе имаат корист земјоделците кои ќе ја пријаваат во катастар промената на културата, имено именувањето на културите на имотен лист, со што ќе се олесни процесот на добивање на субвенции. Ако за хектар земјоделска култура земјоделците платиле 60.000 денари, за истата ќе платат 10.000 денари.
„Целта е за она што земјоделците добиваат субвенции да го имаат евидентирано во своите имотни листови односно да не земаат фиктивни субвенции, каде што на пример во имотниот ќе имате запишано култура лозје, а добивате субвенции за култура овоштарник”, изјави Тунѓев, кој очекува дека оваa мерка ќе ги поттикне земјоделците да ги регистрираат своите култури.
Што се однесува на влијанието на мерките врз буџетот на Агенцијата за катастар на недвижности, тој рече дека тоа ќе се покрие со намалување на непродуктивните трошоци.