Emre Baştuğ
25 Декември 2017•Ажурирај: 26 Декември 2017
ТРАВНИК (АА) - Историчарката и дизајнерка Есма Имсирпашиќ која живее во Травник, дизајнирајќи „модерен фес” за жени, во разговор за Anadolu Agency (AA) потсети на овој дел од гардеробата што во последно време го носат само играорците и играорките.
Фесот во Босна и Херцеговина (БиХ) започна нашироко да се користи во 18 век. Тоа е дел од гардеробата која воглавно го користат мажите, но понекогаш и жените го користат како моден детаљ.

Имсирпашиќ следејќи ја историјата на модата, успеа користејќи модерен стил повторно да ни го претстави фесот, тоа двовековно наследство кое е заборавено со тек на времето, ставено на полиците. Наместо класичното црвено платно, Имсирпашиќ во изработката на фесовите користи најразлични платна, оплеменувајќи ги со различни брошови или монистра, додатоци кои на фесот му даваат модерен изглед.
Есма Имсирпашиќ работи како професорка по историја во травничката медреса „Елчи Ибрахим паша“. Во слободното време, во ателјето во својот дом, според сопствен дизајн подготвува „модифицирани” фесови.
Дизајнираните фесови Имсирпашиќ ги продава под марката „Feslook” (Феслок), добивајќи порачки од различни општествени слоеви.
- „Сѐ е рачна изработка” -
За целосна изработка на еден фес, Имсирпашиќ рече дека троши околу 8 часа. Таа истакна дека во изработката на фесот не користи машини и дека секој дел од фесот е рачно изработен. Единствена потешкотија од самиот почеток ѝ претставува изнаоѓањето на материјали за изработка на фесовите.
Имсирпашиќ истакна дека како историчар, многу е значајно еден предмет кој се користел во минатото и претставува дел од традицијата повторно да биде заживеан денеска, додавајќи дека жените во БиХ отсекогаш користеле мали фесови.

Таа рече дека фесот во минатото бил „градска мода на бошњачките жени”, додавајќи дека за „модифицираните” фесови кои ги дизајнира добила многу позитивни критики.
Имсирпашиќ, зборувајќи за фесот кој денеска е само дел од носијата на фолклорните ансамбли, рече дека успеала да го извлече од тие рамки и да го претстави како моден детаљ.
„Се надевам дека фесот ќе биде дел од гардеробата на мајките и ќе претставува мираз кој ќе им го предадат на своите ќерки. Фесот е безвременски предмет и детаљ кој нѝ е потребен и денес”, рече Имсирпашиќ.
- „Се обидувам кај младите да ја разбудам љубовта кон традицијата” -
Имсирпашиќ рече дека е единствената во БиХ која ги изработува и дека нема производи кои наликуваат на овие фесови. Таа наведе дека овие фесови, кои во себе носат една традиционална нишка, им ги препорачува на сите млади девојки, додавајќи дека секој фес го дизајнира според барањата на нарачателите.

Посочувајќи дека фесот, како моден детаљ денеска се употребува на различни модни ревии во Њујорк, Имсирпашиќ рече дека иако фесот воглавно е дел од гардеробата на жените кои носат традиционална облека, тој може да биде дел од гардеробата на секој кој се грижи за своето облекување.