Admir Fazlagic
28 Декември 2020•Ажурирај: 29 Декември 2020
СКОПЈЕ
Министерството за внатрешни работи (МВР) на Република Северна Македонија соопшти дека „по повеќемесечна истрага приведени се осум членови на терористичка организација“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како што се наведува во соопштението на МВР, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал - Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам, во координација со Агенцијата за национална безбедност, Одделот за специјални полициски операции под раководство на надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство (ОЈО) за гонење на организиран криминал и корупција, по спроведена повеќемесечна истрага на 27.12.2020 приведе осум членови на терористичка организација.
Врз основа на наредбите за претрес во домот и други простории, издадени од надлежен судија од Основниот кривичен суд Скопје, извршени се претреси на осум локации, од кои пет во Куманово и три во Скопје, при што пронајдени и лишени од слобода се сите осум лица.
„На 27.12.2020 од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесена е кривична пријава против Б.Ф. (32), Б.Г. (27) и Ј.К. (25) од Скопје и И.М. (22), Д.А. (21), Р.А. (31), С.И. (31) и А.С. (21) од Куманово, за сторено кривично дело „терористичка организација“ предвидено и казниво по член 394-а став 2 од Кривичниот законик“, стои во соопштението.
Од МВР информираат дека лицето со иницијали Б.А. од Куманово создало „терористичка организација во која покрај претходно притворените В.А. и Е.Љ. членувале и сега приведените, врз основи на идеолошката матрица на терористичката организација ИСИС (ДЕАШ), за извршување убиства и уништување на јавни објекти со намера да се создаде чувство на несигурност или страв кај граѓаните“.
„За остварување на таа намера членовите на групата презеле повеќе подготвителни дејствија, обезбедувале финансиски средства и набавиле оружје, муниција, воена опрема, изработиле импровизирани експлозивни направи и потоа изведувале пробни испалувања и активирање на импровизираните експлозивни направи и оружјето коешто го набавиле“, се вели во соопштението.
Членовите на терористичката група за меѓусебна комуникација претежно ја користеле интернет-платформата „Whats App“, каде што меѓу другото го договарале начинот на транспорт на оружје и начинот на изработка на самоубиствени појаси.
„Б.Ф. учествувал и во паравоени формации надвор од територијата на Република Северна Македонија, како припадник на терористичката организација ИСИС (ДЕАШ) во Сирија“, се наведува во соопштението.
Исто така, како што се наведува во соопштението „пронајденото оружје и минско експлозивни средства на 27.8.2020 година во непосредна близина на Куманово, за кое на 31.8.2020 година кривично беа пријавени Б.А., В.А. и Е.Љ., според количината и намената укажуваат дека делувала повеќечлена терористичка организација, при што со дополнително собраните докази е утврдено дека постоела директна комуникација, претходен договор и знаење за преземените дејствија помеѓу сите членови на терористичката организација“.