Bojana Stojanovic
04 Јули 2020•Ажурирај: 04 Јули 2020
БЕЛГРАД
Авионот со хуманитарна помош од Турција, во кој се наоѓаат 16 тони медицинска опрема за борба против коронавирусот, стигна денес во Србија, на белградскиот аеродром „Никола Тесла“, јавува Агенција Анадолија (АА).
На аеродромот, авионот го пречекаа амбасадорот на Турција во Србија, Танжу Билгич, и министерот за трговија, туризам и телекомуникации на Србија, Расим Љајиќ, а помошта ќе биде испратена во Нови Пазар, Тутин и дел во Сјеница.
Турција испрати 16 тони медицинска опрема во Србија, односно сѐ што им е потребно на лекарите во борбата против коронавирусот (Ковид-19), откако од Србија пристигна повик за помош.
Амбасадорот на Турција во Србија, Танжу Билгич, наведе дека сите поминуваме низ тежок период, со надеж дека низ тешкото време ќе поминеме со што помалку последици.
„Турција во април, по налог на нашиот претседател (Реџеп Таип Ердоган) го испрати првиот авион за помош во Србија. Подоцна доставивме два шлепери помош. Очекувавме дека пандемијата ќе ослабне во текот на летото, но, за жал, гледаме дека бројот на заразените повторно расте. Веруваме дека Србија ќе го преброди овој период, благодарејќи им на мерките што ги спроведува“, рече Билгич.
Амбасадорот додаде дека Турција во борбата против пандемијата продолжува да биде со Србија, поради што и денес испрати помош по инструкции на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.
„Помошта што ја доставивме денес е резултат на соработката со централните и локалните власти. Се надевам дека оваа помош ќе придонесе во борбата против Ковид-19 во регионот. По тој повод, би сакал да им се заблагодарам на властите на Србија на блиската соработка со нашата земја и на сите да ви посакам добро здравје“, рече Билгич.
Министерот за трговија, туризам и телекомуникации на Србија, Расим Љајиќ, во име на Владата на Србија ѝ изрази благодарност на Турција за големата помош што ја пружа и овој пат, по онаа во април, кога стигна помошта за повеќе градови во Србија.
„Сега имаме голема количина помош која е наменета за Нови Пазар и Тутин. Верувам дека дел од помошта ќе биде наменет и за Сјеница. За каква и колкава количина на помош се работи најдобро илустрира фактот дека полн авион со помош порано беше наменет за две или три држави, а сега полн авион со заштитна, медицинска опрема, дезинфекциски средства и друг вид опрема и помош е наменет за два или три града, односно две или три општини во Србија“, нагласи Љајиќ.
Тој оцени дека на овој начин уште еднаш се покажуваат одличните односи помеѓу двете држави и двајцата претседатели и како и многу пати досега се покажува грижата на Турција за добрите односи, но и грижата за народот во Србија.