Stipe Majic
04 Јули 2020•Ажурирај: 05 Јули 2020
ЗАГРЕБ
Парламентарните избори на кои 3,86 милиони гласачи во Хрватска и во странство ќе бираат 151 пратеник за 10. состав на Хрватскиот сабор ќе се одржат во Хрватска на 5 јули, јавува Агенција Анадолија (АА).
Државната изборна комисија (ДИП) ги потврди кандидатските листи за избор на 151 пратеник за Хрватскиот сабор на парламентарните избори на 5 јули. Ќе учествуваат 192 листи со 2.669 кандидати, од кои 41 отсто се жени. На денот на изборите ќе бидат отворени 6.999 гласачки места во земјата и во странство.
Изборите се спроведуват на гласачките места на подрачјето на Република Хрватска и во седиштата на дипломатско-конзуларните претставништва на Република Хрватска. Гласачите кои немаат престој во Република Хрватска бираат 3 пратеници во посебна (XI.) изборна единица.
Министерството за администрација на Хрватска регистрира 3.674.695 гласачи со престој во Хрватска по општини и градови, и 184.786 гласачи без престој во Република Хрватска, што е вкупно 3.859.481 гласач. Во странство ќе се гласа два дена на 4 и 5 јули.
Официјалната изборна кампања траеше до 3 јули на полноќ, кога настапи предизборен молк.
Гласачките одбори на парламентарните избори бројат по 10 члена, а вкупно ќе бидат ангажирани 70.000 членови за гласачките одбори, кои на 5 јули ќе ги спроведуваат изборите за Хрватскиот сабор.
- ХДЗ и Рестарт коалицијата водечки според анкетите
Според анкетите, најмногу гласачи ќе ја поддржат Хрватската демократска заедница (ХДЗ), која на изборите настапува самостојно, или Рестарт коалицијата која ја сочинуваат: Социјалдемократската партија (СДП), Хрватската селска партија (ХСС), Хрватската партија на пензионери (ХСУ), Граѓанско-либералниот сојуз (ГЛАС), Истарската демократска партија (ИДС), Приморско-горанскиот сојуз (ПГС) и Партијата на народен и граѓански активизам (СНАГА).
Меѓу повлијателните партии и коалиции, според повеќето анкети, спаѓаат и Татковинското движење на чело со Мирослав Шкоро, Мост - независна листа, на чие чело е Божо Петров, Зелено-левата коалиција „Можеме!“, коалицијата што ја сочинуваат Партија со Име и Презиме, Паметно и Фокус и коалицијата на седум партии собрани околу партијата Жив ѕид.
Во 12. изборна единица во која се бираат претставниците на националните малцинства, српското национално малцинство има шест кандидати за три пратенички места, унгарското малцинство има еден кандидат за едно место, а италијанското еден кандидат за едно место. Чешкото и словачкото малцинство имаат два кандидата за едно пратеничко место. Група од пет малцинства (албанското, бошњачкото, црногорското, македонското и словенечкото) имаат седум кандидати за едно пратеничко место, а група од 12 малцинства (австриско, бугарско, германско, полско, ромско, романско, русинско, руско, турско, украинско, влашко и еврејско) имаат четири кандидати за едно место.
- Гласачко право и заштита на јавното здравје
Со оглед на пандемијата на коронавирусот, на изборите се спроведуваат посебни епидемиолошки мерки, така што без сопствено хемиско пенкало и маска што ги прекрива устата и носот, гласачите нема да можат да гласаат.
Гласањето ќе се спроведува во 83 дома за стари и немоќни лица на подрачјето на Хрватска, каде што покрај маска, ракавици и обувки за членовите на одборот и набљудувачите ќе биде потребно и дезинфицирање на често користените површини.
Гласањето ќе се одвива и во предворјата на домовите за стари и немоќни лица, а за инвалидите, членовите на одборите заедно со здравствен работник ќе доаѓаат во соба.
Лицата што се во самоизолација можат да се пријават на надлежната изборна комисија или гласачки одбор до недела, до самиот ден на изборите, и да побараат да им се овозможи гласање на адресата на живеење. Гласачите кои на денот на изборите ќе бидат во самоизолација, гласаат пред влезот на станот или куќата во кои имаат престој, а притоа задолжително треба да носат маска преку носот и устата.
Поради прогласената состојба на епидемија, аналитичарите очекуваат рекордно ниска излезеност на гласачите.