Husamedin Gina
22 Септември 2020•Ажурирај: 23 Септември 2020
КУМАНОВО (АА) – На граничниот премин „Табановце“ денеска е претставен принципот на функционирање на формираните зелени коридори, јавува Агенција Анадолија (АА).
Директорот на Царинската управа на Северна Македонија, Ѓоко Танасоски, директорот на Централноевропскиот договор за слободна трговија (CEFTA), Емир Ѓикиќ, директорот на ЕУ Транспортна заедница, Матеј Закоњшек, и генералната секретарка на Советот за регионална соработка, Мајлинда Брегу, денеска го посетија граничниот премин „Табановце“, на кој се запознаа со воведениот зелен коридор, „One Stop Shop“ (контрола со само едно запирање).
Танасоски, во изјавата за медиумите, истакнувајќи дека Царинската управа и во периодот на пандемијата силно ја промовирала меѓународната соработка во рамките на ЦЕФТА, рече дека проширувањето на зелените коридори ќе биде приоритет на управата.
„Овие зелени коридори заедно со приоритетните ленти ќе претставуваат и идна цел на Царинската управа на Република Северна Македонија во контекст на нивно проширување и дури и овозможување, доколку е можно да бидат воведени на самите граници помеѓу ЦЕФТА-страните со членките на Европската Унија“, нагласи Танасоски.
Генералната секретарка на Советот за регионална соработка, Мајлинда Брегу, потсети дека меѓународната заедница на почетокот на пандемијата учествувала во отворањето на зелените коридори за да се обезбеди проток на стоки и на лекови.
„Почнавме со 2.000 камиони дневно, знаете дека во целиот регион има околу 14 гранични премини. Така што на камионите на почетокот им требаше и 20 часа чекање за да поминат“, рече Мајлинда Брегу.
Додавајќи дека тоа е исцрпувачки за самите возачи, Брегу рече дека има и економски трошоци.
Таа додаде дека ако зелените коридори бидат отворени 7/24, тогаш регионот ќе може да заштеди 800 милиони евра годишно.
Директорот на Транспортната заедница на ЕУ, Матеј Закоњшек, истакна дека ова денес е еден светол пример на тоа што се може да се постигне кога еден граничен премин може да биде целосно функционален.
„Граѓаните и фирмите чекаат предолго на граничните премини во регионот. Компаниите во просек за логистичките трошоци плаќаат два пати повеќе од просекот на Европската Унија“, нагласи Закоњшек.
Емир Ѓикиќ, директорот на Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА), истакна дека зелениот коридор придонесува во забрзувањето на протокот на стоките и во смалување на трошоците на превозниците.
Презентацијата ја организира Царинската управа на Република Северна Македонија, која овaа година е претседавач со Поткомитетот за царина и потекло во рамки на ЦЕФТА.