Admir Fazlagic
09 Февруари 2017•Ажурирај: 10 Февруари 2017
СКОПЈЕ (АА) - Вкупно 49 бегалци од тразитниот центар за бегалци во Табановце, во близина на македонската северна граница, се однесени во Грција преку редовниот граничен премин, јавува Anadolu Agency (AA).
Во врска со овој случај, од канцеларијата на УНХЦР во Скопје, во писмено соопштение за АА се наведува дека според информациите што ги имаат тие, до 49 лица од кои повеќето пристигнале во Македонија пред затворањето на границите минатата година, минатата ноќ полицијата ги качила во автобус и биле однесени во Грција преку редовниот граничен премин. Поради овој настан, од УНХЦР изразија загриженост за состојбата на бегалците.
„Претставништвото на УНХЦР Скопје не беше однапред информирано за таквата одлука на властите. Повеќето се семејства, а во нив има и новороденчиња. УНХЦР е загрижен дека дел од луѓето немаат лични документи со себе поради тековната постапка за регистрација на новороденче. Исто така, едно од семејствата е во процес на семејно обединување со останатите членови во земја од Европската унија", стои во соопштението.
Според информациите на УНХЦР, ниту едно лице од оваа група нема поднесено барање за азил во земјава.
„УНХЦР нагласува дека правото да бараат азил во земјава треба да се почитува во текот на целите постапки кои властите може легитимно да ги иницираат во врска со лицата кои влегле во земјава по нерегуларен пат и кои досега не побарале азил. Ние ќе продолжиме да ја следиме ситуацијата со надеж дека таа ќе се одвива во целост со стандардите според меѓународното право за бегалци", информираат од УНХЦР Скопје.
Од друга страна, Министерството за внатрешни работи на Република Македонија соопшти дека денеска во периодот од 08:00 до 09:30 часот, на граничниот премин Богородица на грчките надлежни органи им се предадени 49 лица (42 државјани на Сирија и 7 државјани на Ирак).
„Целокупната постапка за реадмисија, која е започната во септември 2016 година е реализирана согласно Договорот меѓу Европската Заедница и Република Македонија за преземање на лица со незаконски престој, а предавањето на лицата е реализирано по претходно добиен позитивен одговор од грчка страна за нивно прифаќање, во време и на место одредени од страна на грчките надлежни органи", се наведува во соопштението од МВР.
Моментално, на територијата на Република Македонија има вкупно 127 бегалци, од кои 34 се сместени во тразнитниот центар за бегалци во Табановце, 68 во прифатниот центар за бегалци „Винојуг" во Гевгелија, а 25 од нив, баратели за азил се во Скопје.