Kemal Zorlak
06 Јануари 2020•Ажурирај: 07 Јануари 2020
ЗАГРЕБ (АА) - Знам дека не бев на секого по волја, знам дека и денес има многу луѓе на кои не сум им по војла, кои сакаа да не станам претседател. Хрватските граѓани ме избраа за претседател на републиката на сите граѓани, Хрвати и оние што не се. Среќен сум поради тоа, порача во своето обраќање Зоран Милановиќ, кој според неофицијалните резултати е победник на претседателските избори во Хрватска, јавува Агенција Анадолија (AA).
Милановиќ имаше обраќање во Загреб, каде што бројни симпатизери, како од Социјалдемократската партија така и од другите партии му дадоа поддршка во изборната трка.
„Хрватските граѓани ме избраа за претседател на хрватската република, нашата република на сите граѓани, Хрвати и оние што не се. И јас сум среќен поради тоа. Во животот покрај политичката работа работев и нешто друго, бев премиер, тоа на овој пат во последните половина година ми беше и товар“, рече Милановиќ.
„Знам дека не бев секому по волја, знам дека и денес има многу луѓе на кои не сум им по волја, кои сакаа да не станам претседател. Со тоа мораме да продолжиме да живееме и понатаму, затоа нè има премалку, и не сме доволно успешни, и не растеме со доволно силно темпо за да се делиме на ваков начин“, рече Милановиќ.
Нагласи дека она на што ќе инсистира и за што ќе се труди е да биде уво и глава за секој, а помалку рамо за плачење.
„Да водиме дијалог свесни дека нè има различни, од различни семејства, различно воспитување, различни погледи на светот, различни предрасуди, на кои ниту самиот не сум имун, бидејќи сум обично човечко битие“, рече Милановиќ, додавајќи дека ќе се труди да не ја изневери довербата на гласачите.
Тој додаде дека за него, му се допаднало некому или не, сите страни на формално правно ниво ќе бидат исти.
„Ние сме парламентарна демократија. Сè друго е пат кон автократија, тиранија. Претседателот мора да биде брана, цврст ѕид преку кој не може да се премине. Единствената сила е моќта на говорот, убедливоста, моќта на хрватскиот Устав“, рече тој.
Додаде и дека нема да ги дели хрватските граѓани по оние работи на кои се чувствителни, и на кои тие имаат ниско ниво на толеранција. Некои работи може не треба да се кажат или треба да се кажат поинаку.
„Јас тоа во својот живот, на својот политички пат, силно го почувствував“, рече Милановиќ, и додаде:
„Да бидеме единствени по разноликоста, една мала но живописна, моќна и ведра нација, и така здив по здив, насмевка по насмевка, настан по настан, непрекинато кон подобри резултати и кон поголемо задоволство на луѓето што живеат во Хрватска.“
Зоран Милановиќ е роден на 30 октомври 1966 година во Загреб. Средно училиште завршил во Центарот за администрација и правосудство, а потоа и Правен факултет во Загреб. Како успешен студент ја доби Ректорската награда.
По завршувањето на факултетот работи во Трговскиот суд во Загреб. Од 1993 година работи во хрватското Министерство за надворешни работи. Една година подоцна учествува во мировна мисија во Азербејџан како припадник на ОБСЕ.
Во 1996 година станува советник во хрватската мисија во ЕУ и НАТО во Брисел, каде што во 1998 година ги завршува постдипломските студии по европско и компаративно право и станува магистер.
Беше претседател на Социјалдемократската партија (SDP) од 2007 година, по смртта на Ивица Рачан. Првиот човек на хрватските социјалдемократи остана до 2016 година. Потоа отвора консултантска фирма, „EuroAlba Advisory“, преку која, според неговите некогашни зборови, го советувал и албанскиот премиер Еди Рама.
Беше пратеник во хрватскиот Сабор. Покрај тоа, на врвот на својата досегашна политичка кариера беше на функцијата 10-ти премиер на Хрватска, од 23 декември 2011 до 22 јануари 2016 година.
Зоран Милановиќ е оженет и татко на двајца сина, Анте Јаков и Марко.