Stipe Majic
01 Февруари 2023•Ажурирај: 03 Февруари 2023
ЗАГРЕБ (АА) - Претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ, се сретна со претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар, која пристигна во прва официјална посета на Хрватска, а на состанокот важна тема беше европската перспектива на државите од Западен Балкан и процесот Брдо - Бриони, јавува Анадолу.
- Да се одржи процесот Брдо - Бриони
Претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар, најави дека ќе настојува да се одржи процесот Брдо - Бриони со цел зајакнување на дијалогот во регионот со посредство на Словенија и Хрватска, кои постигнале најмногу во регионот.
Додаде дека двете држави заеднички работеле на приклучувањето на Босна и Херцеговина во Европската Унија.
„Додека политичарите од државите од регионот разговараат, тоа може да биде само добро, не може никако да биде лошо“, рече Пирц Мусар и најави свои посети на земјите од регионот.

Таа, исто така, најави дека следниот состанок на Брдо - Бриони треба да се одржи кон крајот на оваа година во Северна Македонија, истакнувајќи дека темите на разговорот би требало да бидат помалку идеолошки, а повеќе посветени на младите во регионот кои во голем број се иселуваат.
„Намерите во поглед на таа иницијатива се исти, а тоа е интеграција и благосостојба на државите од овие простори, како и да ги нарекуваме, Западен Балкан, поранешна Југославија“, изјави хрватскиот претседател Зоран Милановиќ.
„Тоа зависи од волјата и расположението на другите да учествуваат во него; Србија, претседателот Вучиќ, би сакал да го слушнам неговото гледиште за ова. Ја оставам вратата отворена, БиХ во меѓувреме доби статус на кандидат“, изјави Милановиќ.
Додаде дека за таа одлука уште минатата пролет гласале сите претставници во Парламентарното собрание на БиХ, па и претставниците на Република Српска, порачувајќи дека често му е тешко да сфати што навистина мисли Милорад Додик, со оглед на тоа дека неговите претходни изјави се спротивни на таа одлука.
Нагласи дека за иницијативата Брдо - Бриони треба да се разговара и со новите членови на Претседателството на БиХ, оценувајќи дека Северна Македонија е добро избрано место за следниот состанок. Милановиќ изрази надеж дека тој состанок нема да заврши како претходните два, без заеднички усогласено соопштение.
- Милановиќ за Косово -
Хрватскиот претседател Милановиќ во понеделникот ја искоментира својата изјава за Косово, за кое рече дека е грабнато од Србија и анкетирано. Тој го пофали српскиот претседател Вучиќ што не реагирал веднаш, како бројни српски таблоиди, туку дека првин детално ќе ја слушне изјавата.
„Без одушевување, ве молам. Нека се огледаат на Вучиќ и нека видат што точно кажав. Можев да кажам и дека Србија останала без Косово или дека Косово ѝ е одземено на Србија, доаѓа на истото. Србија остана без Косово, не го даде доброволно, го загуби во војна. Тоа во меѓувреме е признаено, Хрватска го призна меѓу првите, и јас секогаш кога можам, ја користам можноста да ги убедам луѓето да го признаат Косово ако веќе не го сториле тоа, и европските и латиноамериканските државници, но засега не успеав. За да дојде Србија на запад, каде што е добредојдена, некои работи мора да се променат“, порача тој.
Словенечката претседателка истакна дека е познат ставот на Словенија за Косово, и порача дека единствениот пат за државите од тие простори е патот во Европската Унија.
„Иднината на државите од Западен Балкан е европскиот процес кој сè уште не е мртов“, порача таа.
„Ситуацијата во Украина е почеток на крајот на една привидна српско-руска романса во која Србија ќе сфати дека е измамена љубовница. Реалноста е дека Русија пробува нешто со Украина и дека примерот со Косово штрчи како шилец. Русија ќе мора кога-тогаш да го признае Косово или да се преправа дека го признава за да го легализира тоа што го прави во Украина. Тие [Србија, заб. на авт.] мора да сфатат дека ѝ пречат на Русија и дека таму нема никаква љубов. Србија ќе мора на некој начин да го признае Косово, а албанските власти ќе мора да ѝ дадат одреден статус на Заедницата на српски општини на северот на Косово“, заклучи Милановиќ.