Adel Omeragic
16 Април 2018•Ажурирај: 16 Април 2018
ПОДГОРИЦА (АА) - Кандидатот на Демократската партија на социјалистите (DPS), Мило Ѓукановиќ, прогласи победа на претседателските избори, наведувајќи дека изборниот резултат е потврда за решеноста на Црна Гора да продолжи по патот на европскиот квалитет на животот и членство во ЕУ, јавува Anadolu Agency (AA).
Според резултатите на Центарот за мониторинг и истражување (CeMI), Ѓукановиќ, врз основа на 100 отсто од пребројаните гласачки ливчиња освои 53,8 отсто од гласовите и така по вторпат стана претседател на Црна Гора.
Ѓукановиќ во обраќањето пред своите поддржувачи во изборниот штаб на ДПС соопшти дека нема да ги изневери очекувањата на граѓаните.
„Ова е можност да им се заблагодарам на граѓаните кои ја поддржаа мојата кандидатура. Ова е можност да кажам дека го ценам ентузијазамот и лојалноста на граѓаните кои ја поддржуваат оваа политика цело време“, истакна Ѓукановиќ.
Тој им се заблагодари и на коалициските партнери кои, како што рече, ја покажале својата посветеност кон ДПС, испраќајќи со тоа порака дека тие се непобедлива коалиција.
Наместо порака до противкандидатите, Ѓукановиќ им се обрати на опозициските лидери.
„Овој резултат е толку убедлив и надмоќен што ова е можност да ги преиспитате она што се ваши постојани политички гледишта, дека не може ништо добро да се направи со негирањето на остварувањата до кои дојде Црна Гора“, рече Ѓукановиќ.
Тој истакна дека пред Црна Гора има многу искушенија, но дека приоритет е економскиот развој, кој треба да гарантира раст на животниот стандард на граѓаните и совладување на поделбите во општеството.
„Да се хуманизираат човечките потенцијали, бидејќи со поголема сила ќе можеме поуспешно да ги совладаме предизвиците што се пред нас“, рече Ѓукановиќ.
Врз основа на 100 отсто од обработениот материјал на ЦеМИ, Мило Ѓукановиќ, освои 53,8 отсто од гласовите, Младен Бојаниќ 33,5 отсто, Драгиња Вуксановиќ 8.3, Марко Милачиќ 2,7 отсто од гласовите, 0,8 отсто Хазбија Калач, Василије Миличковиќ 0,4 отсто, Добрило Дедејк 0,4% отсто од гласовите.
На изборите забележана е излезност од 64 отсто.