Husamedin Gina
05 Март 2021•Ажурирај: 07 Март 2021
СКОПЈЕ (АА) – Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, оствари средба со предводниците на верските заедници во Република Северна Македонија на која се разговараше за текот и активностите на Пописот 2021 година, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На средбата, според писменото соопштение од Министерството за надворешни работи, покрај предводниците на верските заедници присуствувале и директорот на државниот завод за статистика, Апостол Симовски, директорот на Комисијата за верски заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски и директорот на Агенцијата за иселеништво, Слободан Близнаковски.
Министерот Бујар Османи истакна дека ги повикал верските предводници на средба за да ги запознае со процесот и да ги замоли за поддршка со цел уште поширока потемелна мобилизација на нашите граѓани во процесот на попишување.
„Верските заедници имаат развиена мрежа низ бројните центри во светот каде живеат нашите граѓани, како и истакнат авторитет меѓу нашата дијаспора, и нивниот придонес за успешност на овој процес го сметам за исклучително важен. Имавме продуктивен разговор, и на мое лично задоволство, сметам дека денес обезбедивме значајна поддршка која ќе придонесе за уште поширока информираност на нашата дијаспора”, нагласи Османи.
Османи на средбата се осврна и на важноста на вклучувањето на дијаспората, за нивното само-попишување, за масовноста во овој процес, што би било во насока на давање подобра слика за дистрибуираноста на граѓаните на Северна Македонија во странство.
„Ќе добиеме слика за нивната комуникација со земјава како и за нивните потреби од услугите на државата; ќе добиеме слика за нивните амбиции, дали за останување во земјата каде се наоѓаат, или уште подобро, за потенцијалите или можностите да се вратат назад во земјава; ќе добиеме информација и за нивната квалитативна, демографска, образовна, социјална структура, сѐ се ова важни информации кои ќе ни помогнат како држава, како општество да ја засилиме комуникацијата и да креираме реални политики насочени кон дијаспората”, додаде министерот Османи.
На крајот од средбата, Османи нагласил дека овој процес не треба да биде ексклузивен, туку напротив, преку заедничка, инклузивна соработка низ текот на целиот процес, со вклучување на сите учесници во општествениот живот, да се реализира целта за успешен попис.