Admir Fazlagic
10 Март 2020•Ажурирај: 11 Март 2020
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за здравство на Република Северна Македонија, Венко Филипче, информира дека Владата ги усвоила дополнителните мерки за справување со коронавирусот, меѓу кои се прекинување на воспитно-образовниот процес и настава во сите детски градинки, основни и средни училишта, а се прекинува и наставната дејност во високообразовните институции на територијата на целата држава во наредните 14 дена, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот Филипче одржа прес-кофнеренција на која информира дека денеска имал состанок со Комисијата за заразни болести на којшто се предложиле дополнителни мерки во однос на справување со коронавирусот.
„Да се прекине воспитно-образовниот процес и настава во сите детски градинки, основни и средни училишта на територијата на целата земја во наредните 14 дена; Да се ослободат вработените од работните обврски во овие институции; За еден родител до 10-годишна возраст на децата ќе се дозволи отсуство од работа кое ќе биде целосно платено во јавните и приватните институции, исто така во следните 14 дена; Се прекинува наставната дејност, процесот во високообразовните установи на територија на целата држава, како и во јавните научни институти“, рече Филипче.
Тој информира дека според мерките се забрануваат масовни собири и настани на отворен и затворен простор со над 1.000 учесници на територија на цела земја во наредните 14 дена, а се препорачува да се откажат и да не се организираат и настаните под оваа бројка.
Исто така, министерот Филипче рече дека се забранува одржување на спортски натпревари со публика во периодот од следните 30 дена на територија на цела држава.
Една од задолжителните мерки е и самоизолација на сите лица кои доаѓаат од високо и средноризичните држави во период од 14 дена согласно листата на држави која ја објавува СЗО, а таа секојдневно се надополнува.
„Се забранува извоз на медицинска опрема, медицински средства и материјали од страна на економските оператори и производители од РСМ, а во врска со тоа што може да биде потребно за третман на овие пациенти со коронавирусот, тоа се вентилатори, респираторни машини, заштитни маски и материјали, за што сите економски оператори ќе имаат соодветна листа, освен со посебна дозвола од Министерството за здравство“, рече Филипче.
„Се забранува организирање меѓународен автобуски превоз со автобус, комбе или минибус кон високоризичните земји од и кон Република Северна Македонија“, информира министерот Филипче.
Упати препорака од страна на Владата до сите органи на државната управа, до единиците на локална самоуправа и до приватните компании за времен прекин на работните обврски, односно неодење на работно место на бремените жени и хронично болните лица.
„Владините институции ги прекинуваат сите организирани настани, конференции, патувања. Во сите државни институции со помош на Службата за општи и заеднички работи ќе бидат дистрибуирани средства за дезинфекција“, соопшти Филипче.
Понатаму, министерот информира дека физичките и правните лица што нема да ги почитуваат или ќе ги прекршат препораките, ќе бидат казнети согласно Кривичниот законик.
Министерот Филипче апелира да се применуваат мерките за превенција коишто се упатуваат од Министерството за здравство на Северна Македонија.
Во Северна Македонија досега се потврдени 7 случаи со коронавирусот Ковид-19.