СКОПЈЕ (АА) - Владеење на правото, миграции, безбедност и хибридни закани беа тема на дискусиите на денешната прва панел-дискусија во рамки на Тинк-тенк форумот насловен „Стимулација на стратешката автономија, придонесот на Западниот Балкан за заедничката европска иднина“, која се одржува од вчера во Скопје, јавува Агенција Анадолија (АА).
На панел-дискусијата свои обраќања имаа министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров; министерот за надворешни работи на Косово, Глаук Коњуфца; овластениот министер за надворешни работи на Албанија, Гент Цакај; заменик-министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Јосип Бркиќ; заменик-државната министерка за европски прашања на Велика Британија, Венди Мортон; генералниот секретар во Министерството за надворешни работи на Грција, Темистоклис Демирис; директорката за Југоисточна Европа и Турција во рамки на Министерството за надворешни работи на Германија, Сузан Шутс, како и претставници на невладините организации.
Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров, нагласи дека новата методологија на преговори за членство во ЕУ се однесува на грижите на земјите кои беа поскептични. Тој рече дека Северна Македонија направила важни чекори, додавајќи дека треба да започнат преговорите за членство.
„Ако ни се каже ’не‘, во суштина се поткопува довербата кон Европа во регионот и нејзиното влијание. Влијанието и кредибилитетот. Мислам дека нашето општество е позрело. Мислам дека политичката криза од 2015/2016 година даде лекции кои ние ги научивме“, нагласи Димитров.
Заменик-министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Јосип Бркиќ, рече дека секоја одлука на институциите на ЕУ во однос на една од балканските земји, има влијание и на другите земји.
„Нема некоја позитивна или негативна одлука за една земја од Југоисточна Европа која нема влијание врз другите земји. Затоа, ве молам да бидете свесни. Кога видовме дека покрај сето тоа што го направија Северна Македонија и Албанија, не беше исполнето, тоа крева аларм“, додаде Бркиќ.
- Грчкиот дипломат рече дека не е првпат да се соочуваат со мигрантската криза -
Генералниот секретар во Министерството за надворешни работи на Грција, Темистоклис Демирис, во своето обраќање се осврна на мигрантското прашање.
Тој рече дека не е првпат да се соочуваат со мигрантската криза. Според него, овој пат постојат одредени разлики.
Тој изрази задоволство од нивото на солидарност што Грција ја примила од европските и балканските земји.
- „Србија не дава добри пораки за соработка во регионот“ -
Министерот за надворешни работи на Косово, Глаук Коњуфца, во своето обраќање укажа на важноста на европската перспектива на Западниот Балкан и добрососедските односи.
Земајќи пример од Северна Македонија која не постигна напредок во европските интеграции без постигнување договор со Грција, Коњуфца рече дека е јасно оти Косово треба да постигне договор со Србија.
Косовскиот министер истакна дека Владата на Косово е подготвена да ги отстрани таксите поставени за српските производи од претходната Влада, како што соопшти премиерот на оваа земја, Албин Курти на 27 февруари, но нагласи дека не гледа сигнали на соработка од српската страна.
„Лошата порака што ја испрати Србија беше по 24 часа откако премиерот Курти го објасни овој проект за отстранување на таксите. Се случи да се повлече признавањето од Сиера Леоне, и Србија славеше за тоа. Тоа не е добра порака за соработка во регионот“, додаде Коњуфца.
Во текот на настанот свое обраќање имаше и Цакај, кој рече дека извештајот на Европската комисија докажа дека Албанија ги исполнила сите услови за започнување на преговорите. Тој се осврна на процесот на ветинг во судскиот систем и другите реформи за кои рече дека се прават за доброто на граѓаните, а не поради ЕУ.
Британската дипломатка Венди Мортон и германската дипломатка Сузан Шутс ја изразија силната поддршка на нивните земји за европската перспектива на земјите од Западен Балкан.
Тинк-тенк форумот се организира од страна на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ (Societas Civilis), во соработка со Европскиот совет за надворешни работи.
Во текот на денот ќе се одржи и состанокот на министрите за надворешни работи на земјите учесници на Берлинскиот процес, со што ќе се одбележи заедничкото претседавање со овој процес меѓу Северна Македонија и Бугарија. На овој состанок се очекува да учествуваат и претставници на ЕУ и Советот за регионална соработка.
news_share_descriptionsubscription_contact
