Husamedin Gina
27 Февруари 2020•Ажурирај: 27 Февруари 2020
СКОПЈЕ (АА) – Министерот за здравство на Северна Македонија, Венко Филипче, на попладневната прес-конференција информираше за состојбата со коронавирусот Ковид-19 во Северна Македонија, јавува Агенција Анадолија.
Осврнувајќи се на пациентката кај која беше детектирано присуство на коронавирусот, рече дека се чувствува добро, дека е со лесна клиничка слика, нема компликации и се лекува во делот на изолација на Инфективната клиника во Скопје.
„Двајцата пациенти коишто ги тестиравме во текот на денот имаат негативни резултати на коронавирусот - станува збор за еден возач на товарно возило кој дошол од регионот на Северна Италија и една наша сограѓанка која допатувала од Рим“, истакна министерот Филипче.
Тој исто така наведе дека во овој момент се чекаат резултати за уште едно лице кое дошло од Рим и се јавило на Клиниката за инфективни болести.
Филипче, истакнувајќи дека изолацијата во домовите на сите коишто биле сопатници на пациентката кај која е потврден коронавирусот и кај тие што биле во контакт со неа, вкупно 12 лица, добро се спроведува, рече дека е одлучено надзорот да се прави во следните 14 дена.
Потсетуваме, вчера во Република Северна Македонија е потврден првиот случај на коронавирус (Ковид-19), а се работи за пациентка родена во 1970 година од Скопје, која одредено време престојувала во Италија.