Barış Seçkin
18 Април 2016•Ажурирај: 18 Април 2016
РИМ (АА) - Поради слабата излезност нема да бидат признаени резултатите од референдумот кој се одржа вчера во Италија, а на кој бирачите одговараа на прашањето дали сакаат укинување или задржување на дозволата за неограничена експлоатација на нафта и гас на постоечките платформи во италијанските мориња, јавува Anadolu Agency (AA).
Коалиционата влада на италијанскиот премиер Матео Ренци во декември минатата година усвои законски мерки според кои во појасот од 12 километри од брегот нема да бидат отворани нови нафтени платформи, но од постоечките да може да се црпи нафта и гас од морето без временско ограничување.
На иницијатива на движењата за заштита на околината и опозицијата вчера во Италија се одржа референдум во врска со дозволата за неограничена експлоатација на постоечките платформи, но на изборните места не излегоа повеќе од 50 отсто од регистрираните гласачи, па референдумот е прогласен за неважечки.
Избирачките места беа отворени од 7 до 23 часот, но од околу 50 милиони регистрирани бирачи, на гласање излегоа недоволни 32 отсто.
Италијанскиот премиер, Матео Ренци, кој претходно ги повика граѓаните да не гласаат на референдумот, порача дека неважечкиот референдум не е негова, ниту владина победа туку победа на сите оние кои работат на сондажните платформи.
„Морам искрено да кажам дека оние кои излегоа на гласање во никој случај не се губитници. Ги почитувам, како и нивниот став. Губитници на овој референдум се само лидерите на одредени кругови кои го сакаа овој референдум од повеќе причини”, рече Ренци.
Во изминативе 42 години во Италија се одржани вкупно 17 референдуми од кои вкупно седум беа неважечки поради слабиот одзив на бирачите.