Балкан

Мицкоски: „Тежок и многу тажен ден за Македонија“

- Премиерот Мицкоски рече дека во текот на денот, по согледувањето на околностите од надлежните институции, ќе ѝ се обрати на јавноста со повеќе информации за преземените чекори.

Oktaj Omeragikj  | 16.03.2025 - Обновена : 16.03.2025
Мицкоски: „Тежок и многу тажен ден за Македонија“

СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, се обрати на социјалната мрежа Х по повод трагедијата што се случи во дискотека во Кочани, известува Анадолу.

„Со длабока тага ја примив веста за страшната трагедија во Кочани. Ова е тежок и многу тажен ден за Македонија! Загубата на толку многу млади животи е ненадоместлива, а болката на семејствата, на најблиските и пријателите е неизмерна.

Во овие моменти на длабока тага, нашите мисли се со оние што ги загубија своите сакани. На повредените им посакувам брзо закрепнување, а на семејствата на загинатите – сила да ја издржат оваа незамислива загуба. Народот и Владата ќе направат сè што е во нивна можност барем малку да ја ублажат нивната болка и да им помогнат во овие најтешки мигови“, наведе премиерот Мицкоски на платформата Х.

Тој ги повикува сите надлежни институции – здравствените служби, полицијата, локалните власти – да преземат итни мерки за помош на повредените и да им дадат поддршка на погодените семејства. Ја потврди целосната посветеност на Владата која е мобилизирана и истакна дека ќе направи сè што е потребно за справување со последиците и утврдување на причините за оваа трагедија.

Премиерот Мицкоски рече дека во текот на денот, по согледувањето на околностите од надлежните институции, ќе ѝ се обрати на јавноста со повеќе информации за преземените чекори.

„Во овие времиња на длабока тага, кога нашите срца се скршени од болка поради оваа ужасна трагедија, повикувам на заедништво, сплотеност, хуманост и одговорност“, напиша во објавата премиерот Мицкоски и додаде:

„Бог да биде со семејствата на жртвите и повредените и со народот на Македонија!“

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, од утрово ја следи состојбата по катастрофалниот пожар во дискотеката во Кочани што се случи ноќеска, информираат од Владата.

Премиерот го одложи патувањето на состанокот на ЕПП што утре ќе се одржи во Подгорица, а ќе побара и одложување на Самитот за Западен Балкан што треба да се одржи во Скопје.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın