Балкан

Лидери од регионот со изјави за сочувство за трагедијата во Кочани

- Лидерите од регионот упатија изрази на сочувство за трагедијата во Кочани каде во пожарот што избувна во една дискотека животот го загубија најмалку 51 лице, а повеќе од 100 се повредени, известува Анадолу.

Oktaj Omeragikj  | 16.03.2025 - Обновена : 16.03.2025
Лидери од регионот со изјави за сочувство за трагедијата во Кочани

СКОПЈЕ

Лидерите од регионот упатија изрази на сочувство за трагедијата што се случи во Кочани, известува Анадолу.

Бајрам Бегај, претседател на Албанија, во својата порака на сочувство наведе:

„Длабоко сум шокиран од трагичниот пожар во ноќниот клуб во Кочани, Северна Македонија, во кој се изгубени млади животи и има многу повредени.

Искрено сочувство до семејствата што ги загубија своите најблиски и до целиот народ на Северна Македонија.

Албанскиот народ и јас се молиме за брзо закрепнување на повредените, надевајќи се дека нема дополнителна болка да го снајде градот Кочани.“


Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на платформата Х изрази сочувство за трагедијата во Кочани.

„Со голема тага ја примив веста за страшната трагедија што ја погоди Северна Македонија. Изразувам длабоко сочувство до семејствата на загинатите во пожарот во дискотеката во Кочани, како и солидарност со народот на Северна Македонија во овие тешки моменти.

Нашите мисли се со сите оние што ги загубија своите најблиски и со оние што се борат за своите животи. Србија е секогаш подготвена, во согласност со нејзините можности, да им даде секаква неопходна помош на своите пријатели“, наведе претседателот Вучиќ во објавата.


Еди Рама, премиер на Албанија, за трагедијата во Кочани на платформата Х објави:

„Со особено тага им го пренесувам моето сочувство на браќата и сестрите од Северна Македонија за големата трагедија во Кочани. Останувам без зборови и се молам повредените да закрепнат и семејствата на жртвите да најдат сила да се справат со нивната неутешна загуба. Исто така, во име на Албанија и Албанците на премиерот Мицковски и на властите на соседната земја им го пренесувам моето сочувство, изразувајќи ја нашата подготвеност за каква било помош што е потребна.“


Претседателката на Косово, Вјоса Османи, изрази сочувство за трагедијата што се случи во Кочани.

„Потресни вести од Кочани, Северна Македонија. Загубата на толку многу млади животи е трагедија што не може да се искаже.

Изразуваме најискрено сочувство и стоиме со семејствата на жртвите и со целиот народ на Северна Македонија во ова тешко време. Вие сте во нашите мисли и молитви“, објави претседателката Османи на платформата Х.


Јаков Милатовиќ, претседател на Црна Гора, изрази сочувство за трагедијата во Кочани со зборовите:

„Со неверување ја примив веста за трагичниот настан во градот Кочани, Северна Македонија. Во име на граѓаните на Црна Гора и во мое лично име до семејствата на загинатите, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и до сите граѓани на Северна Македонија упатувам најискрено сочувство.

Занемени од оваа трагедија, длабоко сочувствуваме и ја споделуваме тагата со нашите пријатели во Северна Македонија.“


Изрази на сочувство на платформата Х изрази и премиерот на Косово, Албин Курти.

„Со длабока тага дознав за катастрофалната загуба на 51 живот во Кочани, Северна Македонија, како последица на трагичен пожар во ноќен клуб. Изразувам длабоко сочувство до семејствата што ги загубија своите најблиски, како и до лидерите и Владата на Република Северна Македонија и на целата земја во ова време на тага. На повредените им посакувам брзо и целосно закрепнување.“


Косовската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Доника Гервала-Шварц изрази сочувство за трагедијата со зборовите:

„Изразувам длабоко жалење поради трагичната загуба на животи во пожарот во Северна Македонија. Нашите мисли се со жртвите и нивните семејства.

Во разговорот со министерот Тимчо Муцунски ја потврдив нашата подготвеност да ја дадеме сета потребна поддршка.“


Со своја објава на платформата Х се обрати и министерот за надворешни и европски прашања на Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, и изрази сочувство за трагедијата што се случи во дискотеката во Кочани.

„Со длабока тага слушнав за трагичниот пожар во Кочани, Северна Македонија. Моето срце е со жртвите, нивните семејства и сите погодени од оваа страшна загуба.

Им посакувам сила на луѓето и поддршка за нив во овој неверојатно тежок период.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın