Elena Trenchevska Chekovic
22 Јуни 2025•Ажурирај: 23 Јуни 2025
СКОПЈЕ (АА) – Министерството за надворешни работи и надворешна политика на Северна Македонија денес објави дека во моментов вкупно 11 македонски државјани чекаат евакуација со лет од Тел Авив, поради безбеносната ситуација, пренесува Анадолу.
Согласно информациите добиени од Амбасадата на Северна Македонија во Тел Авив, Министерството истакна дека по денешното повторно затворање на воздушниот простор на Израел и аеродромот „Бен Гурион“ во Тел Авив, и откажувањето на сите летови кон и од Израел, државјаните ќе се евакуираат во наредните денови, во зависност од развојот на безбедносната ситуација.
„Како алтернатива, постои можност за евакуација по море – со брод од Ашдод до Лимасол (Кипар), за што Амбасадата е во редовна комуникација со македонските државјани и надлежните израелски власти“, соопшти Министерството.
Истакна дека покрај евакуацијата на првата група граѓани реализирана со владин авион на 17 јуни, заклучно со 22 јуни, вкупниот број на заинтересирани македонски државјани за евакуација од Израел изнесува 27.
Министерството апелираше до сите граѓани да се воздржат од патувања во земјите од Блискиот Исток поради влошената безбедносната состојба.