Bojana Stojanovic
19 Април 2018•Ажурирај: 20 Април 2018
БЕЛГРАД (АА) - Србија се движи во вистинската насока на патот кон членството во Европската Унија, соопшти денеска високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, истакнувајќи дека сè од Бриселскиот договор мора да биде исполнето и дека Заедницата на српските општини мора да биде формирана, на што претседателот на Србија, Александар Вучиќ, повтори дека е сосема сигурен дека Приштина нема да ги исполни своите обврски според Бриселскиот договор, јавува Anadolu agency (AA).
На заедничката прес-конференција во српското Претседателство, Могерини рече дека пораката што ја носи не е само билатерална и упатена само на Србија, туку дека е од регионален карактер.
„Тоа е перспективата кон ЕУ, особено за четирите земји каде што бев, таа е веродостојна и опиплива особено за Србија и Црна Гора, а тоа е дека одите во вистинската насока“, рече таа во Белград, по состанокот со Вучиќ.
Според неа, јасно е дека преговорите со Србија напредуваат добро, и дека се добри шансите новите поглавја да бидат отворени за време на претседателствувањето на Бугарија со ЕУ.
Таа рече дека е импресионирана од енергијата, посветеноста, амбициите, волјата, насекаде, дури и во Белград, која треба да продолжи со реформите на патот кон членството во ЕУ.
„Лично сум убедена дека процесот на проширување е подарок што ние самите треба да си го дадеме во ЕУ“, рече таа.
Таа додаде дека има уште една работа што треба да се направи, а Вучиќ и српската влада се свесни за тоа.
„Сигурна сум во заложбите на двете институции да постигнат понатамошен напредок во овие области, кои досега немаа напредок“, рече таа.
„Секогаш инсистирам на потребата од целосно спроведување на она што е договорено. Верувам дека како и други елементи на Бриселскиот договор, мора да се спроведат, требаше и порано, но сите елементи мора да се спроведат“, рече таа.
Вучиќ на тоа истакна дека останува на она што го рекол претходно.
„Немојте да мислите дека сум нем кога доаѓаат официјалните претставници, јас сум сигурен дека никогаш нема да ги исполнат своите обврски според Бриселскиот договор, Договорот за енергетика не е договорен, но е речено дека за тоа ќе се разговара, а сите други обврски се исполнети“, рече тој.
Според него, основањето на Заедницата на српски општини претставува 40 проценти од Бриселскиот договор, а денес има пет години од потпишувањето на тој договор. Тој посочи дека прашањето за Косово е прашање поради кое тој е многу загрижен, но дека е убеден и се надева оти со поддршка на Могерини и многу други сите тешкотии, опасности и пречки може и мора да се избегнат.
Сепак, тој рече дека Србија е секогаш подготвена за разговори и дека тие ќе продолжат и понатаму.
Вучиќ нагласи дека на средбата го анализирале извештајот на Европската комисија за напредокот на Србија во процесот на пристапување кон ЕУ, каде што е препознаена посветеноста на Србија, истакнувајќи дека тој е особено задоволен од напорите во економската сфера.
„Зборувавме и за поглавијата во кои е постигнат помал напредок, не се согласивме во сè, но сосема сме подготвени да се посветиме особено на подобрувањето во однос на владеењето на правото“, рече тој.
За време на посетата, Могерини се сретна и со српската премиерка Ана Брнабиќ, каде што беше кажано дека Србија ќе продолжи со понатамошните реформи во согласност со извештајот на Европската комисија.
Во врска со спроведувањето на Бриселскиот договор таа ја нагласи потребата од формирањето на Заедницата на српски општини, но и Договорот за енергетика.