МОСТАР (АА) - Кемал Зорлак -
Татко и неговите двајца синови од Мостар го поминаа периодот на агресијата на Босна и Херцеговина, воените времиња, на три завојувани страни – Војската на Република Српска (ВРС), Армијата на БиХ и во Хрватскиот совет за одбрана (ХВО). Не, ова не се делови од сценарио за добро осмислен холивудски блокбастер, туку тоа е животната приказна на 50-годишниот Зоран Лакета од Мостар, пишува Anadolu Agency (AA).
Зоран имал 25 години кога војната тропнала на неговата врата и практично ја запрела младоста во неговиот роден Мостар. Човекот кој пред себе имал многу младешки неодсонувани соништа, преку ноќ се најде на бојното поле.
Звучи неверојатно, но вистинито. Зоран ја мина војната во Мостар како припадник на Хрватскиот совет за одбрана (ХВО), неговиот брат Горан се борел во редовите на Армијата на Босна и Херцеговина, а за парадоксот да биде уште поголем, нивниот татко Ратко бил во редовите на Војската на Република Српска, која исто така дејствувала на подрачјето на Мостар. Братот Горан загинал во август 1993 година, од проектил кој го истрелале припадниците на Хрватскиот совет за одбрана (ХВО). Загинал од граната на војската во чии редови беше неговиот брат Зоран.
Невозможно е да се слуша приказната на Зоран, а да не се запрашате дали е можно таткото и двајцата синови меѓусебно да војувале во релативно мал град. Оваа приказна, освен што самата по себе е семејна трагедија, е и најсликовит пример за тоа колку војната, и сето она што таа го носи со себе, не е ништо друго туку едно големо зло и голем апсурд.
- Сабахудин, Зоран или Ранко -
„Се викам Сабахудин, Зоран или Ранко, се презивам Лакета, сите овие имиња имаат исто значење, бидејќи сите тројца се родени во зори или за сабах“, го започна Зоран разговорот.
За војната во раните 1990-ти години, која ја нарекува селска буна, Лакета вели дека тоа не е ништо друго освен една смешна војна. Поради оваа причина, како што истакнува, и својата трагична животна приказна никогаш не сакал да ја раскаже за да не растажи некого. Сепак, нагласува дека е битно да му се пренесе на целиот свет, за никогаш и никому да не му се повтори.
„Да, мојата приказна треба да ја знае целиот свет. Мојот брат беше во Армијата на БиХ, јас бев во ХВО, татко ми беше мобилизиран во Војската на Република Српска. Дали сега да зборувам за домољубието, родољубието или за патриотизмот? Дали тие беа наши идеали? Не“, вели Лакета.
Тој се присетува на предвоениот живот во Мостар и вели дека немало Бајрам, Божиќ или Велигден, без да отиде кај својот сосед или неговиот сосед да не го посети него.
„Велат дека сето тоа вчера било како нешто забрането, во тоа време на темнина и мрак. Не знам тогаш кој ни ја запали оваа светлина. Завршив училиште за авиомеханичар, со надеж дека некогаш ќе работам во Сокол (југословенска фабрика за авиони во Мостар). Јас од таа 1992 година до денес сум под Бирото и обесправен граѓанин сум на мојата единствена Босна и Херцеговина. Во тоа време, во цветот на младоста, на свои 25 години станувам некој војник, треба некого да мразам, треба во некого да пукам, да се убиваме во братоубиствена војна, а ете го и фактот дека бев на една, мојот брат на друга, а татко ми на трета страна. Сето ова му се случи на моето семејство, на моите пријатели, моите соседи, браќа и сестри. Имав само еден брат, еден татко, една мајка, сите за жал денес се мртви, а јас сум, еве, уште малку жив“, вели Лакета.
Денес, четвртина век подоцна, и самиот на себеси си го поставува прашањето како е можно членовите на обично работничко семејство, кое живеело од работничка плата, чии деца имале среќно детство, бесплатно образование, да бидат дел од несреќен конфликт.
„Ние по вероисповед сме православни, иако не знаев дека сме тоа додека сето ова не започна. Е, бидејќи сме православни, требало да застанеме на српска страна. Како да застанам на српска страна, а таму гледам кокарди (четничка значка). Би застанал да беше тоа петокрака, бидејќи верував во тие идеали, верував во братство и единство, дека сите луѓе се исти, сите заедно да имаме, да работиме и да живееме. За жал, се покажа спротивното“, раскажува Лакета.
Се потсетува на 9 мај, тој пресуден миг, кога и почнала неговата приказна.
„Клучниот момент кога започна сето тоа е најтешко да се раскаже. Тоа за мене беше смешна војна. Можете ли да замислите едно утро да се разбудите и да не можете да се вратите преку улица, бидејќи тоа е нова линија на фронтот, каде што ти не можеш да поминеш и да кажеш дека таму се твојот брат и мајка. Едноставно тука има блокада. Во 1992 година, бидејќи се забавував со мојата денешна сопруга, со која живеам 25 години и имам две ќерки, од Залик, кој е на т.н. лев брег на Мостар, отидов на десната страна на Балиновац, за да бидам со својата сопруга, која тогаш имаше 23 години. Приближно тогаш, поточно на 9 мај 1993 година, е времето кога почнува војната во Мостар, веќе не можев да преминувам на другата страна, во својот стан, и тогаш сѐ тргна наопаку. Тоа е тој тежок момент за објаснување. Едноставно, се будиш и пред тебе има бариера, видлива и невидлива, рубикон што не можеш да го преминеш за да продолжиш со нормалниот живот во срцето на Европа, во 1990-тите години, сето тоа е апсурдно и смешно“, смета Лакета.
- Криење со најдобриот пријател на братот -
Бидејќи тој и неговиот брат Горан не сакале во првите судири во Мостар да бидат присилно мобилизирани во војската, која не беше нивната ЈНА, Лакета вели дека решиле да останат во мешовитиот дел на Мостар. Тој отишол кај сопругата во Балиновац, а неговиот брат останал со најдобриот пријател Адис Кадриќ, викан Адо, во источниот дел на Мостар.
„Сето тоа започна на 9 мај, а ние на 8 мај, ден претходно, бевме на свадба. Се женеше наш пријател, дојдов во центарот на градот, по брат ми и Адис. Брат ми рече дека нема да оди затоа што немаше пари да ги дарува младенците, тој секогаш сакаше тоа да го испочитува, така што тргнавме Адис и јас. Брат ми остана и тоа беше нашата последна средба. Значи, на 8 мај попладне го видов за последен пат. Адис и јас ја поминавме ноќта на свадба, но по враќањето забележавме многу воени возила, пушки, пиштоли, цел арсенал“, се присетува Лакета.
Сфатиле дека нешто големо се случува, а со оглед на тоа што станот на Зоран бил најблизу, се засолниле кај него, за да дознаат што се случува. Тогаш, во одредено време дошло до собирање на луѓето. Лакета вели дека на 9 мај започнало етничкото чистење на Мостар. Соседот својот сосед го предава, соседот својот сосед го гони, почнува собирање на луѓето во пижами.
„Адис беше со мене во станот, но не успеа да преживее и да ја потврди оваа приказна. Беше кај мене околу 10 дена. Го делевме она што го имавме, конзерви, некоја хуманитарна помош. Адис толку многу се плашеше за мене и за моето семејство, бидејќи сопругата тогаш беше бремена, тој одлучи да го ризикува својот живот само за утре некој да не влезе и да праша кого кријам јас. Тој за мене беше идеал, бидејќи го ризикуваше својот живот за да ме спаси мене и моето неродено дете. Тој отиде од линија до линија и успеа да се врати кај мојот брат. Судбината така сакаше да загинат двајцата во период од 10 дена разлика“, раскажа Лакета.
- Двајца браќа на два фронта ги делеше само една улица -
На прашањето како на боиштето Хрватскиот совет за одбрана (ХВО) гледал на фактот што на спротивната страна е неговиот брат, односно дека на крај би можеле да дојдат во директен контакт и да пукаат еден на друг, Лакета одговара дека сето тоа била голема траума.
„Замислите сите околу тебе ти зборуваат зад грб, не смеат ништо да ти кажат в лице. 'Види го Србин, дојде овде кај нас, а ене му го братот кај балиите'. Беше тоа голема траума“, вели Лакета.
Исто така, додава дека во текот на престојот на боиштето имал константен страв, во однос на тоа дека преку улица се наоѓа неговиот брат и дека еден ден би можеле директно да се судрат.
„Што ако дојдеме цевка пред цевка, јас би излетал на него тој на мене, и двајцата би загинале. Брат е тоа, крвта не е вода. Во моментов сме на Шантиќева улица, каде што беше линијата на разграничувањето. Тоа не беа видео игри, тоа беше еден суров живот. Само една улица нѐ делеше. Замислите да дојде ситуацијата брат на брат, како што можеше да се случии. Тоа е тешко да се објасни на некој и да се пренесе таа емоција“, рече Лакета.
- Братот Горан загинува од проектил на Хрватскиот совет за одбрана -
Братот Горан имал 24 години кога загинал на 6 август 1993 година, а настрадал од минофрлачка граната од позициите на Хрватскиот совет за одбрана, над Мостар. Тој ден, според зборовите на Зоран, Горан отишол на погреб на неговиот соборец Амир Шатор.
„Тие биле во Царина, од каде што требало да тргнат на погреб. Тоа го видел некој од моите соборци од позициите на ридот Хум. Не можам да го обвинувам човекот што ја испукал таа граната, и нему некој му наредил. Јас не можам да мразам, а бев и на таа страна. Паднала минофрлачка граната од 120 мм и ги измасакрирала“, рече Лакета.
За загинувањето на братот чул по седум дена, преку радио Мостар.
„Не можев да поверувам, 'седум дена по смртта на Горан Лакета, кој настрада од непријателска граната на 6 август, а заедно со него загинаа...' Не можев да поверувам во она што го слушам. Ми доаѓаат пријатели, ми изразуваат сочувство, а дури потоа станувам малку посвесен. Не можеш да му појдеш на братот на погреб, не можеш да ја видиш ожалостената мајка која го изгубила синот, туку тоа мора да го носиш во себе длабоко, во малата човечка душа. Не знаете како е мајка ви, тоа е траума. Таа вечер не можам да кажам дека плачев, тоа беа некои неартикулирани крици до четири, пет часот наутро“, рече Лакета.
Зоран вели дека денес, 25 години по војната, доаѓаат нови генерации кои се одгледуваат на посебен начин. Како што додава, денес во Мостар има млади луѓе кои никогаш не го виделе Стариот мост или Партизанските гробишта, културно-историските споменици на овој град.
Нѐ одведе до мостарските (шехидски) гробишта на паднатите борци во стариот дел на градот, каде што е закопан неговиот брат Горан.
Покрај Горан беше погребан Адис, како и нивните многубројни соборци. Корнејќи ја тревата од гробот, Зоран се присетува на својот брат. Емоциите го совладаа, плаче. Додека зборува за својот брат, можете да ја почувствувате тежината и болката во секој негов збор. Сепак, се чини дека многу поголема болка има во неговиот молк и во она неизговореното, додека во тишината длабоко гледа во надгробниот споменик со врежано име Горан Лакета.
На крајот од својата приказна, Лакета испраќа кратка и јасна порака: „Да даде Господ никогаш и никому да не му се повтори!“
news_share_descriptionsubscription_contact
