Furkan Güldemir
11 Февруари 2016•Ажурирај: 13 Февруари 2016
БЕЈРУТ (АА) - Центарот за политички истражувања во Сирија објави извештај за билансот на страдањата и настанатата штета во војната во Сирија во кој се наведува дека 12 отсто од населението загинало или било рането, а воената штета по економијата на земјата се проценува на 255 милијарди долари, јавува Anadolu Agency (AA).
Граѓанската војна во Сирија започна во март 2011 година, а дополнително во судирите се вклучија руските, иранските сили и Хезболах, а во Извештајот се наведува дека во изминатите пет години во војната загинале 470.000 а ранети се 1,9 милиони лица.
Укажувајќи на големите размери на девастација на инфраструктурата и здравствениот систем во Сирија, од Центарот тврдат дека 400.000 луѓе загинале директно во воените дејствија, додека 700.000 животите ги изгубиле поради индиректните последици од војната како недостатокот од храна и лекови.
Обединетите нации (ОН) поради недостапноста на информациите уште пред 18 месеци го прекина собирањето на статистички податоци за последиците од војната во Сирија, а во последниот Извештај на ОН е објавено дека во Сирија загинале 250.000 лица.
Во Извештајот на Центарот за политички истражувања во Сирија, се наведува и дека просечниот животен век на Сиријците од предвоените 70 е намален на 55,4 години.
Нагласувајќи дека во текот на војната во Сирија 45 отсто од населението се раселило, во Извештајот се прецизира дека четири милиони Сиријци пребегале надвор од земјата а шест милиони се раселени во рамките на нејзините граници.
Сириската економија поради војната претрпела штета од 255 милијарди долари, додека 13,8 милиони Сиријци останаа без извор на приход.