Eren Beksaç
30 Ноември 2020•Ажурирај: 01 Декември 2020
ПРИЗРЕН (АА) - ЕРЕН БЕКСАЧ –
Сè уште во скоро секој агол на Косово, кое денес е независна држава и каде што Османлиите владееле скоро 500 години, можно е да се сретне наследство од тој период, пишува Агенција Анадолија (АА).
Намазѓах (место за молитва на отворено) или џамијата „Кирик“ како што ја нарекуваат граѓаните, лоциран е во југозападниот дел на земјата во градот Призрен. Џамијата е првото османлиско дело во градот и е меѓу важните историски споменици кои привлекуваат туристи.
Се верува дека Намазѓахот бил изграден во Призрен, кој бил освоен од османлиската Војска во 1455 година, 2 години по освојувањето на Истанбул, по наредба на Фатих Султан Мехмет Хан за да можат војниците да ги исполнат своите верски должности.
Минарето што се наоѓа до Намазѓахот, како и минберот и ѕидовите на михработ се изработени од ѕидарски и сув камен. Минарето во тоа време било високо 6,30 метри, но со текот на времето биле отстранети камењата и висината се намалила на 5,85 метри.
Познато е дека српските војници што влегле во градот откако османлискиот суверенитет на Косово завршил со Балканската војна 1912 година, прво се фотографирале пред Намазѓахот.
По овој датум, Намазѓахот долго време останал без сопственик. На неговото место тогашната администрација изградила здравствен центар и работно место (дуќан).
Во областа каде што се наоѓаат остатоците од Намазѓахот, археолошки ископувања се вршеле во 1969 и 1989 година, но проектот бил прекинат на пола.
Во 1990 година, со цел да се сврти вниманието кон тоа дека Намазѓахот постои и дека е потребно да се обнови, муслиманската заедница во Призрен ја извршила молитвата за Бајрам во Намазѓахот.
Реставраторските работи на Намазѓахот, што започнаа со договорот потпишан на 28 август 2001 година меѓу Командата на оперативните сили на турскиот баталјон, која работи во рамките на Мировните сили на НАТО (КФОР) на Косово, Општина Призрен и Институтот за зачувување на историските споменици во Призрен, завршија на 5 април 2002 година.
Намазѓахот „Фатих Султан Мехмет“, е изграден во согласност со оригиналот. Работното место (дуќанот) е срушено и местото е уредено под надзор на делегација од Универзитетот „Гази“ во соработка со Турската агенција за соработка и координација (ТİКА).
Намазаѓахот е од големо значење за турскиот и муслиманскиот народ што живее во Призрен. Денес го посетуваат голем број туристи бидејќи е најстарото османлиско дело во Призрен.