Балкан

Нови Сад: Уште три лица настрадаа во уривањето на железничката станица, вкупно 11 загинати

Екипите на итната помош сѐ уште се на местото на несреќата, каде работат на спасување на преживеаните и пружање помош на повредените

Ekipa  | 01.11.2024 - Обновена : 01.11.2024
Нови Сад: Уште три лица настрадаа во уривањето на железничката станица, вкупно 11 загинати Фото: Aleksandar Savanovic/АА

НОВИ САД (АА) - На железничката станица во Нови Сад, Србија, денес се случи трагичен инцидент кога околу пладне се урна настрешницата на влезот на објектот, при што загинаа 11 лица, потврди министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ, јавува Анадолу.

Екипите на итната помош сѐ уште се на местото на несреќата, каде работат на спасување на преживеаните и пружање помош на повредените.

Од под урнатините живо е извлечено 14-годишно девојче, додека жена сѐ уште е заробена под поголема количина бетонска конструкција.

Премиерот Милош Вучевиќ изрази сочувство до семејствата на жртвите, опишувајќи го овој ден како еден од најтешките во повоената историја на Нови Сад. Вучевиќ нагласи дека ќе се спроведе детална истрага за да се утврдат точните причини за уривањето и одговорноста, со цел да се спречат слични трагедии.

Голем број жители на Нови Сад се упатија пред Заводот за трансфузија на крв на Војводина одговарајќи на повикот за дарување крв по трагедијата, додека голем број луѓе се собраа пред Ургентниот центар на Војводина за да се информираат за состојбата на своите најблиски.

Околу 17 часот местото на несреќата го посети и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Железничкиот сообраќај на станицата во Нови Сад е во прекин, а возовите сообраќаат од правец на Белград до станицата Петроварадин.

Владата на Србија го прогласи 2 ноември, утре, за Ден на жалост во целата земја.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.