Gorana Jakovljevic,Senita Sehercehajic
15 Септември 2020•Ажурирај: 16 Септември 2020
БАЊА ЛУКА (АА) - Во Универзитетскиот клинички центар на Република Српска во Бања Лука, од последиците предизвикани од коронавирусот, утрово почина Момчило Крајишник, јавува Агенција Анадолија (AA).
Крајишник со правосилна пресуда на Хашкиот трибунал во март 2009 година беше прогласен за одговорен за депортации, присилни преместувања и злосторства врз цивилите Бошњаци и Хрвати во Босна и Херцеговина (БиХ) во периодот од април до декември 1992 година. Тој е прогласен за виновен и бидејќи беше дел од заедничкиот злосторнички потфат, кој имаше за цел етничко чистење на териториите што за време на војната беа под контрола на босанските Срби.
Во пресудата на Трибуналот, меѓу другото, се наведува дека тогашната Српска демократска партија (СДС) кон крајот на октомври 1992 година основала воено собрание на босанските Срби, на чие чело беше Крајишник. Собранието веднаш започна со воспоставување паралелни структури на власта, а на 12 мај формираше и војска.
Во јули 1990 година Момчило Крајишник беше меѓу основачите на Српската демократска партија (СДС), чиј лидер беше Радован Караџиќ. Тој првично беше назначен за претседател на локалниот одбор на партијата во Општина Нови Град, Сараево.
Од септември 1990 година, тој беше пратеник во Собранието на РБиХ, а во декември е именуван за претседател на ова тело.
Крајишник беше учесник во мировните преговори за БиХ во американскиот град Дејтон во 1995 година, а подоцна Ричард Холбрук, специјалниот американски пратеник за Балканот, го нарече Крајишник „господин Не“, бидејќи бил бескомпромисен во текот на преговорите.
На првите повоени избори во Босна и Херцеговина, во 1996 година, Крајишник беше избран за член на Претседателството на БиХ од редот на српскиот народ. На таа функција остана до 1998 година.
Уапсен е во Пале во април 2000 година и пренесен во притвор на Хашкиот трибунал. Поранешната главна обвинителка во Хаг, Карла Дел Понте, го нарече неговото апсење „исклучително важен настан“, а поранешниот американски пратеник на Балканот, Ричард Холбрук, го нарече „еден од најважните настани што се случија на Балканот“ по војната.
По отслужени 13 години затвор за извршените злосторства против човештвото, Крајишник се врати дома во Пале, во ентитетот Република Српска, во БиХ. Иако беше осуден на 20 години затвор, претседателот на Трибуналот, Теодор Мерон, на почетокот на јули 2013 година донесе одлука за негово предвремено ослободување откако отслужи две третини од затворската казна.
Крајишник помина девет години од казната во притвор во Хашкиот трибунал, но последните четири и пол години ги помина во затвор во Велика Британија.
Роден е во 1945 година во Забрџе, Општина Нови Град, Сараево.