Kayhan Gül
04 Април 2017•Ажурирај: 05 Април 2017
БЕЛГРАД (АА) - За време на претседателската предизборна кампања во Србија, личноста која привлече најголемо внимание врз себе, несомнено е кандидатот Лука Максимовиќ, познат и по прекарот Љубиша Прелетаревиќ-Бели, јавува Anadolu Agency (AA).
Во текот на предизборната кампања, Максимовиќ (26) го привлече вниманието врз себе со својот шеговит пристап кон политичкиот систем и кон политичарите во земјата, со ветувањата кои е невозможно да се исполнат и со изјавата дека доколку биде избран, ќе краде за себе.
Комичарот со прекар Бели, со својот бел коњ, белиот костум, белите чевли и волнените чорапи, го привлекуваше вниманието каде и да се појавеше. Според официјалните резултати, Максимовиќ освои околу 10 отсто од гласовите и се најде на третото место според бројот на освоени гласови во Србија, оставајќи зад себе голем број кандидати.
- Вети дека ќе ѝ донесе море на Србија
Максимовиќ е лидер на сатирична политичка организација без изборна програма, наречена „Сарма немаш пробано“ (Сарму проб'о ниси). Дел од неговите ветувања се дека на Србија ќе ѝ донесе море, ќе отвори фабрика за „ламборџини“, српскиот Парламент ќе го обои во бело, претседателската палата ќе им ја подари на децата.
- Ветување дека Белград ќе го претвори во светска метропола
Бидејќи Максимовиќ е „млад, чесен, добар, силен и господин“, смета дека гласачите треба да гласаат за него, и доколку биде изгласан, беше ветил дека во Белград ќе изгради 3 метроа, 4 автобуски станици и 5 аеродроми, претворајќи го во светска метропола.
- „Ќе крадам, но ќе му давам и на народот“
За време на предизборната кампања, Максимовиќ имаше снимено неколку видеопораки, во кои преку неколку измислени ликови ги исмејува политичарите. Максимовиќ беше ветил дека доколку биде избран за претседател, ќе краде за лични потреби, но од тие средства ќе му дава и на народот, и додаде дека на тој начин ќе опстане на власт 50 години.
Максимовиќ изјави дека е 'близок пријател' со претседателот на САД, Доналд Трамп, и со претседателот на Русија, Владимир Путин, а за да ги помири Истокот и Западот, ќе биде налик на поранешниот лидер на Југославија, Јосип Броз Тито.
Веднаш по затворањето на избирачките кутии, Максиовиќ прогласи победа, соопштувајќи дека во понеделник наутро ќе оди пред претседателската палата за да ја преземе должноста.
Максимовиќ на социјалните мрежи објави дека по ова прашање во понеделникот бил под прозорецот пред претседателската палата и од претседателот Томислав Николиќ, ги побарал клучевите. На ова барање, Николиќ му соопштил дека изборите ги добил Александар Вучиќ.
Максимовиќ на тоа рекол: „Невозможно е Вучиќ да победи на изборите. Јас добив 67,97 отсто од гласовите. Тука некој зборува невистини. Вучиќ навистина не победи, нели?“
Со стилот на облекување, изразување и однесување, и со популарноста што успеа да ја постигне на изборите, по сѐ изгледа Максимовиќ уште извесно време ќе продолжи да ги бранува медиумите во Србија со прашањето дали ќе влезе во политиката и кој стои зад него.