БУДИМПЕШТА (АА) - Унгарските власти ќе го разгледаат и ќе дадат мислење за барањето поднесено од Македонија за испорачување на нејзиниот поранешен премиер кој доби политички азил во Унгарија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Унгарскиот премиер, Виктор Орбан, во обраќање на државното радио изјави дека Никола Груевски е сојузник на Унгарија кој заслужува фер третман.
Орбан, кој во 2015 година подигна огради на границата против мигрантите, изјави дека без политиките на Груевски, кој беше премиер во период од 2006 до 2016 година, би било многу потешко, доколку воопшто би било возможно, да се заштити унгарската граница.
„Тој беше првиот балкански политичар кој изгради ограда“, изјави Орбан.
„Поради тоа, ние секогаш ги сметавме Македонија и него за сојузник. Секој го третира својот сојузник праведно“, рече унгарскиот премиер.
Откако ја напуштил Македонија, под сеуште нејасни околности, Груевски минатата недела упати барање за азил во унгарската дипломатска мисија во Албанија. Подоцна патувал низ неколку балкански земји во унгарските дипломатски возила, во придружба на дипломати.
Орбан го опиша патувањето на Груевски преку Балканот како возбудлив „трилер“ и инсистираше дека таквото прашање е правно, а не политичко, и дека неговата влада не била вмешана во одлуката за азил.
Орбан рече дека е важно унгарската Влада да се воздржи од коментирање на пресудата на Груевски и неколку други судски случаи што се во тек против него во неговата татковина.
„Во Македонија се одвиваат комплицирани политички борби и игри и правниот систем е дел од тоа“, изјави Орбан.
„Самиот не знам што е точно, а што не е, бидејќи практично е невозможно да се одлучи“, додаде тој.
Како и поголемиот дел од критиките што ги упатува, Орбан во овој случај го наведе, исто така, и унгарско-американскиот милијардер и филантроп Џорџ Сорос, кој го смета за идеолошки непријател и го обвинува за порастот на мигрантите во Европа во текот на изминатите години.
Орбан изјави дека најострите критики за унгарската Влада во случајот со Груевски доаѓаат од организациите на Сорос.
„Оние што се залагаат за имиграција и оние што го напаѓаат прашањето за македонскиот премиер се токму истите луѓе, како на лично, така и на организациско ниво“, рече Орбан.
Откако поранешниот премиер на Република Македонија Никола Груевски на неговиот официјален профил на социјалната мрежа Фејсбук објави дека Унгарија одговори позитивно на неговото барање за добивање политички азил, преку писмено соопштение до јавноста реагираше Владата на Република Македонија и упати барање до унгарските власти за екстрадиција на Груевски.
Груевски е правосилно осуден на двегодишна затворска казна во случајот „Тенк“ за набавка на луксузен мерцедес вреден 570 илјади евра.
news_share_descriptionsubscription_contact
